За возилата задолжителна зимска опрема

Поради врнежи од снег на неколку патни правци во земјата се воведува забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси.

Според информациите од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) од четири часот утринава има забрана за движење на тешки товарни возила на патот од Гостивар кон Стража (Кичево) и од Маврово кон Дебар.

На патниот правец од Тетово кон Попова Шапка од пет часот утрово има забрана за движење на автобуси, додека за сите останати возила задолжително е користење на зимска опрема.

Поради силен ветар, од АМСМ информираат дека големи наноси на снег има на потегот од село Рогачево до граничниот премин „Јажинце“ и од 8:40 часот е воведена забрана за движење на автобуси и на тешки товарни возила, додека за останатите возила е задолжителна зимска опрема.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека според известувањето од Диспечерскиот-информативен центар на Јавното претрпијатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“, поради интензивни снежни врнежи, од 08:45 часот на патниот правец од Струга кон граничниот премин „Ќафасан“, се воведува забрана за движење на тешки товарни возила.

Од „Македонија пат“ информираат дека на одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

Оттаму апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

Дежурните екипи на ЈП „Македонија пат“, додаваат оттаму, се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни, а сите подетални информации, учесниците во сообраќајот, велат од претпријатието, можат да ги добијат на дежурниот телефонски број 02 25 61 502

Back to top button
Close