За време на четиридневниот топлотен бран во Грција избувнале околу 200 пожари

Минатата седмица за време на четиридневниот топлотен бран избувнаа околу 200 пожари со кои навремено се справивме пред да се прошират, благодарение на огромните напори на пожарникарите и сите сили на цивилната заштита, истакна министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина.

Кикиљас посочи дека од денеска и за време на викендот, постои зголемена опасност од пожари во земјата, односно како што рече „картата на опасност ќе биде чекор пред црвеното ниво на тревога“, поради сувата вегетација од високите температури во изминатиот период, во комбинација со новото зголемување на температурата и силниот ветер.

-Станува збор за најопасниот коктел за појава на пожари кој за неколку минути може да достигне неконтролирани размери, истакна Кикиљас.

Порача дека сè што во овој период може да предизвика дури и најмала искра, како што е горењето или скарата е забрането со закон за време на сезоната на пожари и истакна дека целиот државен механизам ќе биде во состојба на готовност со зголемени патроли на копно и со помош на дронови од воздух.

Back to top button
Close