Заболекарот се избира еднаш – за цел живот

Името на лекарот на бабата на мажот ми беше важен податок од нејзината биографија. Беше дошла 1946-та во Рајнланд, во едно место меѓу Келн и Диселдорф, како „протерана“ Германка од близината на Вроцлав во некогашната германска покраина Шлезија, која по војната припаднала на Полска. Меѓу првите важни работи за неа во новата средина била и потрагата по добар матичен лекар. Од првата посета на ординацијата на прочуениот лекар во гратчето, кој имал ординација во семејната стара вила на една од главните улици, па се‘ до крајот на животот, таа му останала верна пациентка. Кога таа остарела и не можела да оди во ординацијата, тој доаѓал во домашна посета. Иако никогаш не ја запознав, затоа што беше починала само неколку месеци пред јас да дојдам во фамилијата, приказните за нејзиниот сакан лекар ги научив и јас напамет. Најзначајното во приказната за лекарот и за верната пациентка беше тоа што таа врска, која траела повеќе од три децении, почивала врз меѓусебната доверба и почитување, раскажуваа роднините. Во долгите години, матичниот лекар имаше можност добро да ја запознае не само личноста на пациентката, туку да ги дознае и сите значајни нешта од нејзината биографија, од секојдневието во новата животна средина, но и од оној нејзин живот што беше останал зад полско-германската граница. Понекогаш си помислувам дека долготрајната врска со длабока доверба во својот нов матичен лекар, на „протераната” од татковината во новата средина и‘ сугерирала чувство на нова вдоменост и припадност. Домот и татковината секогаш ги одликува традиција, стари врски и познати контексти, а преселникот во новата средина таа нова мрежа од лични врски, кои ја сочинуваат неговата нова биографија, мора самиот да ја изгради.

Важен однос на доверба

И мојата баба по мајка во Скопје, бегалка од Егејска Македонија, имаше матичен лекар во амбулантата во Маџари кој со неа беше изградил сличен однос на доверба како тој на бабата на мажот ми во Рајнланд. Лекарот на баба ми длабоко сочувствуваше со тагата на егејските бегалци. Нему таа му ги раскажуваше тажните бегалски приказни, исти како тие кои и бабата на мажот ми му ги раскажуваше на нејзиниот матичен лекар во Рајнланд. Лекарот во Маџари за баба ми беше замена за лекарите од Костур, кај кои со години одела и таа и дедо ми и сите други од фамилијата пред Граѓанската војна во Грција.

На овие длабоки човечки врски и несекојдневни констелации меѓу лекарите и пациентите мислев додека во петокот седев во ординацијата на заболекарот кај кого одам од почетокот на мојот живот во Германија. Не паметам повеќе кој од роднините или пријателите му го беше препорачал на мажот ми, за да ни стане подоцна вистински фамилијарен заболекар. Уште при првата посета на неговата ординација пријатно ме изненади неговото разбирање за мојот страв од заболекарите. Притоа мојот страв потекнуваше од моето искуство со заболекарите во социјалистичкото југословенско детство. Поточно, од систематските прегледи при кои, еднаш во годината, целото училиште го поминуваше денот во амбулантата на Бит Пазар. Прегледот кај заболекарот беше за мене најнепријатниот дел, иако ниту сериското снимање на рентген не беше особено пријатно. Кога денес ги повикувам во сеќавањето систематските лекарски прегледи во основното училиште, веднаш се гледам себеси како се тресам од студ. Причината за студот ми остана до ден-денес загатка. Можно е систематските прегледи да беа секогаш во зима, во простории кои не беа добро загреани. Ние, притоа, моравме да одиме од една просторија во друга само со долна облека. Што, патем, за мене беше многу непријатно. Меѓутоа, исто толку е можно да сум се тресела од голем страв, кој само бил зголемен од студените простории. Најсилно се тресев од страв и студ кога ќе тропнев на вратата на социјалистичкиот заболекар. Тој имаше големи црни очила и продорен, строг поглед на орел.

Емпатија кон пациентите

Кога многу години подоцна првпат влегов во ординацијата на нашиот иден германски фамилијарен заболекар, ме изненади пријатната атмосфера која владееше во сите простории. Сепак, за да почне полека да се „топи мразот“ што го имав во коските пред да влезам, придонесе неговата реакција откако му открив дека во детството и младоста имав вистинска фобија од заболекари. Особено затоа што во моето детство југословенските заболекари пломбираа без наркоза. Тој се насмеа шарматно и ме утеши дека во такви услови и тој би добил трајна фобија од заболекари. А кога потоа толку внимателно ми даде наркоза, што не го почувствував убодот на иглата од шприцот, мојот страв од заболекари се распрсна како меур од сапуница. Од тој миг поминаа речиси триесет и пет години, во кои одев кај него на преглед и со ќерка ни. Првпат кога таа беше во детска градинка. За да се чувствува сигурно при прегледот, заболекарот ми понуди таа за време на прегледот да седи во мојот скут. Ретки беа германските заболекари кои тогаш им го нудеа тоа на мајките, затоа што имаа емпатија за стравот на децата. Таа реакција на нашиот заболекар дефинитвно ме увери дека тој е вистинскиот.

Секако, многу порано, во педесеттите и шеесеттите, ретко кој од заболекарите помислувал дека една од најзначајните особини на заболекарот треба да биде неговата емпатичност кон пациентите, особено кон децата. Во истражувањата за причините за фобијата од заболекарите, многу од постарите Германци раскажуваат дека кога како деца со своите мајки оделе во заболекарските ординации, нивните мајки останувале во чекалницата додека тие биле кај лекарот. Доколку од страв одбивале мирно да седат на столицата, се случувало да бидат „врзани“ за неа со ремен. Сосем разбирливо е дека од таков брутален третман кај децата останувала трајна фобија од заболекарите. За среќа, денес заболекарските ординации се многу пријатни за децата, затоа што има ординации кои се специјализирани само за деца. Неретко денешните заболекари имаат солидни познавања од детската психологија и знаат како можат да им помогнат на децата да го победат стравот. Секако, речиси е правило и децата на училишна возраст да седат за време на прегледот и на терапијата во скутот на родителот, како што практикуваше уште пред три децении нашиот фамилијарен заболекар.

Патем, во долгогодишните контакти со заболекарот, ние го запознавме добро неговиот карактер, а тој нашиот. Тој знаеше дека за нас е најзначајна неговата медицинска компетентност, но, исто толку, и неговата способност да ги разбере нашите стравови, но и нашите желби. Кога ќе имате среќа да најдете заболекар чиј начин на работа и на однесување соодветствува на вашите погледи и вредности, тогаш ќе прифатите да одите кај него дури и кога сте се преселиле во друг град. Една пријателка патуваше од Келн двапати во годината во Хамбург, каде што беше заболекарот кај кого одела додека студирала. Подоцна од многумина слушав слични приказни како таа на пријателката со заболекарот во Хамбург.

 

На нашиот заболекар пред неколку години во ординацијата му се придружи неговиот син. Оттогаш, кога ќе се јавам да договорам термин, сестрите ме прашуваат: „Кај кого сакате термин? Кај докторот-сениор или кај докторот-јуниор?“ Пред три недели бев кај нашиот „стар“ заболекар, кај таткото, а пред три дена кај синот. И тој, како татко му пред три децении, ми ја даде наркозата без да го почувствувам убодот со иглата, а кога го виде бележникот во мојот скут, шармантно ме праша дали можеби сум писателка. Така, со пријатна љубопитност еден за друг, пред многу години, кога за мене во Германија уште многу нешта беа нови, започна и мојот прв разговор со неговиот татко. „Заболекарот се избира еднаш – за цел живот“, ми рече неодамна една многу блиска германска пријателка. Секако, таа оди кај нашиот заболекар исто толку долго колку и јас!

Кица Колбе

Извор: дв

Back to top button
Close