Забрзан премин за носителите на Мкарта при нивното доаѓање во земјава

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, официјално ја претстави можноста носителите на МКарта да можат да користат „fast-track” на аеродромите во Скопје и Охрид, при влегување во државата.

Проектот МКарта беше претставен во мај 2021 година, како признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и промоција на Северна Македонија во странство.

Претставувајќи ја погодноста, Османи нагласи дека проектот МКарта претставува мрежа на наши квалитетни поединци во дијаспората, кои со својата стручност и нагласен ангажман се истакнуваат во новата средина во која живеат, што ги чини вистински амбасадори кои на најдобар можен начин ја претставуваат Северна Македонија.

– Забрзаниот премин на нашите аеродроми, што се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи, претставува симболично препознавање на нивниот труд и квалитет и благодарност на нашите институции и држава, рече Османи.

Додаде дека меѓу носителите има научници, лекари, бизнисмени, културни работници итн., за кои државата има желба и интерес да бидат дел од севкупниот развој и општествени процеси.

Од МНР посочуваат дека уште при претставување на проектот МКарта, било најавено дека во соработка со другите институции, ќе се работи на дефинирање на симболични поволности, како што е слободен влез на културни настани, музеи и галерии, но и денешното лансирање на забрзан премин на аеродромите во Скопје и Охрид.

Дипломатско-конзуларните претставништва на државата во странство се задолжени да ги детектираат таквите поединци, а изборот кој ќе биде носител на МКарта се реализира во строго предвидена процедура. Досега таква можност добиле 69 наши државјани, припадници на дијаспората.

Back to top button
Close