„Задоцнија институциите“, па со задоцнување ќе почне и денешниот марш во Кочани
Семејствата на настраданите во пожарот во „Пулс“ продолжуваат со организирањето на „Маршот за ангелите“ и в сабота, 14 јуни, ќе се одржи деветтиот по ред.
За разлика од досегашните, овој протестен марш ќе почне во 18:05 часот како симбол на задоцнетата реакција на институциите.
Организаторите на маршот истакнуваат дека тој истовремено е и за поддршка на повредените лица во трагедијата, поради што ги повикуваат и нивните блиски, роднини и пријатели да се придружат. Протестот е со единствена цел да се добие правда за сите кои настрадаа во пожарот, за којшто тие велат дека не е несреќен случај, туку масовно убиство.
Учесниците на маршот ќе тргнат од Паркот на Револуцијата, ќе продолжат низ Трговскиот центар, потоа пред Општина Кочани, а оттаму кон Полициската станица и Основниот суд и Обвинителството во Кочани.
Организаторите ги покануваат сите граѓани кои даваат поддршка на нивните барања да им се придружат, а медиумите слободно да го проследат настанот.