Задолжително гласање за спас за државата

Ако чувството на мнозинството граѓани е дека државата ни пропаѓа, тогаш одговорот на прашањето зошто огромен дел од граѓанството е инертно, лежи во апатијата и разочараноста од политичките елити. Пишува Никола Тодоров

Ако чувството на мнозинството граѓани е дека државата ни пропаѓа, тогаш одговорот на прашањето зошто огромен дел од граѓанството е инертно, лежи во апатијата и разочараноста од политичките елити. Пишува Никола Тодоров

Има ли право Владата, која и да е таа, да зборува и делува во име на народот во услови кога бројот на граѓани кои ја поддржале е сериозно малцинство во однос на оние кои не гласале и оние кои гласале против?

Во Македонија, дури и во ретки случаи кога поддршката на партијата која е носечка во владината коалиција, се движела околу 500.000, вкупниот број на гласови на владината коалиција не надминувал 40% од вкупниот број запишани избирачи, па дури и не надминувал ни 40% од претпоставената бројка на избирачи кои живеат во државава. Ако било така кога голем дел од граѓаните излегле и гласале, како ќе биде сега во услови кога царува апатијата?

На последните локални избори имавме историски најниска излезност од околу 51%, додека на последните парламентарни избори во 2020 година имавме излезност од околу 52%. Овие податоци наговестуваат дека излезноста на следните избори, кои многу веројатно е дека ќе бидат претседателски, во услови на досега невидена апатија, можно е да биде околу, па дури и под 50%.

Суштински промени 

Ако чувството на мнозинството граѓани е дека државата ни пропаѓа, тогаш одговорот на логичното прашање, зошто огромен дел од граѓанството е инертно, лежи воапатијата и разочараноста од политичките елити, но пред се` од отсуството на лидер кој ќе ги поведе народните маси. Во време кога лидерите на двете најголеми партии имаат значително послаб рејтинг од партиите кои ги предводат и во услови кога поради ваквата поставеност на системот скоро е невозможно да се јави некој нов политички субјект кој ќе го убеди огромниот дел од граѓаните, кои во најголема мера заради разочараност не гласаат на ниедни избори, потребно е да се преземе радикален чекор кој може нешто суштински да промени.

Мојот предлог е да се воведе систем на задолжително гласање, како што има на пример во Австралија, Белгија, Бразил, Грција, Луксембург, Сингапур итн.  Системот на задолжително гласање има повеќе предности, како што се зголемување на можноста за изразување на различни мислења, спречување на екстремизмот, валиден демократски исход, намалување на можноста од изборни манипулации и по мене најважно-осигурува дека политичкиот исход е во согласност со мнозинството на граѓани. Дополнително, но не и помалку важно, задолжителното гласање ја зајакнува родовата еднаквост, но и чувството на одговорност кај луѓето, притоа правејќи ја партиската мобилизацијата на гласачите помалку важна и скапа.

Кој одлучува? 

Во овој момент, кај нас партиите главно се фокусирани да убедат две огромни таргет групи- администрацијата и пензионерите. Ова значи дека, воглавно, за тоа кој ќе биде на власт, одлучуваат двесте-илјадната администрација со нивните семејства и пензионерите, односно нивната одлука кому ќе му ја дадат поддршката. Младите, иако сите партии значително се фокусираат на нив, поради отсуството од интерес за политика, а би рекол и огаденост од политика, се држат настрана и за жал, не се одлучувачки фактор.

Задолжителното гласење ќе ги вклучи младите, но и ќе го натера тивкото мнозинство да стане демократски гласно и одлучувачко. Тивкото мнозинство е умерениот дел од граѓанството, кое останува тивко за да се заштити од хистеријата и поделбите кои се креирани од прегласното, наметливо малцинство. Учеството на тивкото мнозинство во одлучувањето со сигурност ќе го сведе гласното малцинство на расцепкани, мали или минорни политички групи од кои само некои, во мал број, ќе бидат застапени во парламентот, би рекол повеќе како декор. Царувањето на прегласното малцинство на социјалните мрежи преку ширење на омраза, вулгарности и омаловажување на секој кој има поинакво мислење, ќе стане неважно во услови кога тивкото мнозинство ќе го каже своето мислење, моќно, а тивко, зад параванот, целосно ослободени од можноста за омаловажување, навредување или сатанизирање. Според мене, задолжителното гласање е најдобра можност тивкото мнозинство да извојува победа и да му го покаже местото во општеството на гласното, често вулгарно и некултурно, малцинство.

Со задолжително гласање, ќе се овозможи за важни прашања да се користи референдумот како значаен механизам за директна, односно партиципативна демократија.

Заради доследност, коректно е да се напомене дека задолжителното гласање има и свои слабости како што се гласање по случаен избор, чувство на принуда, голем број на неважечки ливчиња, револт од казни итн.

Никола Тодоров, автор на колумната
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Сепак, сметам дека во овие услови на развој на македонската демократија и во услови кога младите, поради неиздржливост, масовно се селат од државата, а за трагедијата да биде поголема, родителите, мислејќи им добро, ги поддржуваат, па дури и ги поттикнуваат своите деца да заминат да се школуваат и вработат во странство, воведувањето на една ваква радикална промена како што е задолжителното гласање, може да помогне некои работи да се променат. Граѓаните, без исклучок, мора да ја земат судбината во свои раце, и на тој начин сите да одлучат кој ќе управува со нашата земја. Вака, од 1,8 милиони жители колку што брои Македонија, неполни 20% одлучуваат за судбината на сите останати, што слободно може да се нарече диктат на малцинството над мнозинството.

Е, сега, ако и тогаш во услови на задолжително гласање кога секој граѓанин одлучува, повторно резултатот е ист и државава продолжи да тоне и умира, тогаш, за жал, во стилот на Луни Тјунс (Looney tunes) нерадо ќе констатираме – тоа е сѐ народе!

 

 

Back to top button
Close