Задоволствата на корупцијата

Корупцијата стана централен фокус на глобалниот неолиберален поредок. Таа е препознаена како главната причина за човековото страдање и лишеност: ја поткопува компетентноста, правичноста и демократскиот легитимитет на модерната држава, води до кршење на човековите права, го нагризува квалитетот на животот и дозволува ширење на организираниот криминал и другите закани по човековата безбедност. Корупцијата е присутна во сите земји, сепак, во земјите во развој нејзините корозивни ефекти се најпогубни.

Неолибералната фасцинација со проблемот на корупцијата се вкрстува со нормативниот проект за дијагностицирање на причините и последиците од корупцијата и изнаоѓање на лекови. За правниците, корупцијата е главно проблем на спроведување на правото/законите. Па така, глобалните стратегии за борба со корупцијата се обидуваат да ја затегнат контролата на модерната рационална држава преку апстрактни, бирократски практики на дисциплина. Во својата криминализирачка оптика, тие имаат тенденција да ги гледаат практиките на корупција како отуѓени, индивидуални чинови на алчни јавни службеници кои се настрвени на националните ресурси и како себични и пресметани криминални акти во отсуство на јавна дисциплина. Оттука, се претпоставува дека посеопфатното спроведување на социјалната дисциплина преку државните институции ќе работи на спречување на корупцијата преку задушување на себичната алчност на поединците.

Корупцијата може да изгледа како проблем на социополитичко отуѓување и себично калкулирање на алчни јавни службеници во премолчена соработка со циничното граѓанство. Ова е секако еден начин на размислување за корупцијата; модел кој предлага решенија насочени кон враќање на отчетноста, транспарентноста, довербата на јавноста и другите бирократски механизми на демократско „градење на институции“. И националните влади и меѓународните тела имаат на располагање широко прифатени принципи, регулативи и алатки за борба против корупцијата на домашен и на транснационален план.

Сепак, антикорупциската архитектура не функционира секогаш или секаде според планираното. Ова не значи дека официјалната корупција е погрешно дијагностицирана. Она што овој нормативен проект сепак не успева да го препознае е тоа дека формите на желба што ја поттикнуваат корпуцијата не се само себични и приватни, туку можат да бидат и длабоко социјални, обликувани од поголемите социокултурни поими за моќ, привилегија и одговорност.

Дополнително, овие сложени форми на социокултурна желба што ја создаваат корупцијата се вметнати во самата држава, бидејќи државата не е само сфера на индивидуализирачка дисциплина, туку сфера на општественост и припадност, како и материјална акумулација. Како што истакнува Џенифер Хести: задоволствата од корупцијата се задоволствата на самата држава, нејзината моќ да ги задоволи желбите за социјално, културно и материјално изобилство, како и легитимност и солидарност.

Во оваа смисла дисциплинските мерки насочени кон себични поединци целосно ќе го пропуштат општествено вграденото или „домородното“ корумпирано јас што се конструира преку државата. Со криминализирање на социјалноста и задоволството во областа на државата, глобалниот апарат на антикорупцијата во некои контексти (како на пример нашиот), може исто толку да ги провоцира социокултурните желби колку што има за цел да ги искорени и на крајот да ги фетишизира задоволствата од корупцијата како локално посакувани и политички легитимни.

Корупцијата во сите нејзини безбројни форми се јавува на пресекот помеѓу културата, пазарот и државата. Нејзината распространетост нè принудува да се соочиме со заплетканите врски помеѓу приватното богатство и јавната моќ и помеѓу културната практика и создавањето на компетентна и непристрасна влада. Сосема настрана од глобалната дисциплинска кампања против рационалното пресметување на себичната индивидуална желба, во нашето локално произведено разбирање, на корупцијата не се гледа како на егоцентрично отуѓување и повлекување од општествените односи на доверба, туку, попрво, како на интензивирање на контактот со виталните текови кои циркулираат низ политичкото тело, една хиперповрзаност со социокултурните комплексности на капиталот и желбата коишто минуваат низ државата и општеството.

Сложените социокултурни желби кои ја проникнуваат нашата политичката култура (и кои се вградени во локалните практики на корупција) гравитираат околку државата како стратешко место на „задоволство“. Па така, конзумирањето на државните добра се одвива како едно ненаситно јадење и последователно станување буквално или фигуративно дебел. Оваа логика која некои автори ја нарекуваат „политика на стомакот“ е операционализирана во клептократските шеми на македонските елити. Да се јаде, акумулира, искористува, цица, присвојува, разграбува….. Политиката на стомакот е форма на владеење што во суштина ја конституира македонската држава како „плен“, спроведена преку конкурентни, но изврзани мрежи на непотизам и трибализам.

Следењето на „политиката на стомакот“ во јавната област и востановувањето на оваа форма на владеење подразбира предаторски авторитет кој ги ништи алтернативните форми на политички разум и пракса, но и самото постоење на поимот јавен интерес. Случај по случај на присвојување на државни ресурси, екстремни бонуси и надоместоци за патување, приватни исплати од државни средства, одземање/присвојување на земјиште, даночно затајување, поткуп и мито при доделување на договори, концесии и приватизација на државните претпријатија и природните ресурси.

Во оваа културна логика парите не се само инструментални за општествените односи, туку се суштински за самата човечка супстанца, движејќи се низ социјалните мрежи со хуманизирачка сила. Протоците на социјалноста и афектот генерирани од парите го дефинираат општествениот живот на луѓето тука. Ако паричните трансакции го придвижуваат животот/крвотокот низ социополитичкото тело, корупцијата може да се види како стратешки канал на вредност создаден на место на блокирање или ограничување, чија цел е да се забрзаат материјалните и социополитичките текови, притоа придвижувајќи ги во нови насоки.

Се додека корупцијата се генерира преку афективен меѓукултурен ангажман, силите на антикорупција би требало да се генерираат преку афективно отуѓување или културна дислокација. Сепак, доволно е да се погледне судбината на поранешното Специјално јавно обвинителство и станува јасно колку обликот на неговата политизирана антикорупција е повторно поврзување со трансформативните текови на капитал и влијанието што го одржува овој циркулаторен систем. Во оваа смисла дури може и да се каже дека поранешната шефица на СЈО одговараше на затоа што се впушти во тековите на желба и социјалност кои ја мотивираат самата корупција, туку затоа што не се впушти потполно/посилно. Нејзиниот подарен кауч останува да биде ироничен симбол на уништените соништа за политичко достоинство, стабилност и просперитет, но и да потсети на разликата помеѓу нејзината судбина и судбината на оние кои таа ги гонеше.

Сите тие – причините и последиците од корупцијата, како и нашите локални напори за антикорупција – се спојуваат во заедничка точка: хиперангажираност во виталните социополитички текови на желба и афект, како и на материјалност. Ова радикално го менува криминалниот профил на оние кои се прогласени за виновни за корупција, како и професионалниот профил на оние кои ги разоткриваат и ги изведуваат пред лицето на правдата. Според тоа, сторителите на корупција не се себични, неморални социопати, туку екстровертни социофили, длабоко ангажирани во морално наелектризираното генерирање, трансформација и циркулација на различни форми на вредност (без разлика дали јадат или споделуваат, земаат или даваат, исцицуваат или внесуваат, штетат или помагаат). Исто така, и нашите обезбедувачи на антикорупцијата не се критични крстоносци морално позиционирани надвор од корумпираниот систем (или не само тоа), туку мотивирани политички актери кои работат да се репозиционираат во динамиката на социополитичкиот тек.

Во социополитичкиот систем на РСМ зборот интегритет е заменет со интеграција, нешто што треба да произведе содружништво, солидарност или доверба во односите на заемна потреба и обврска да се заштити и обезбеди пристапот до материјалното богатство на државата. Истото се пресликува и кај клучните стратегии за борба со корупцијата, чиј незаобиколив дел е потребата од создавање на силно судство и обвинителство. На пример, предлозите на нашите вечни законописци, сега и антикорупциски стратези, ветингот на судиите да се одвива преку нивна меѓусебна проверка на одлучувањето по предметите, во основа ќе ја произведе истата солидарност меѓу (корумпирани) содружници и лов на вештерки или изолирање на секој судија кој ќе пројави интегритет. Или, пак, Академијата за судии и јавни обвинители, која е клучна во судските реформи како единствен влез во судскиот систем, и која наместо филтер функционира како инкубатор на силите што не владеат со децении. Повикувањето на уставните права на овие насадени непотисти од страна на Директорката на Академијата (кои можат семејно бираат што сакаат да бидат, бидејќи се во прашање имоти, пари и државни функции) или надевањето на Претседателката на Антикорупциската комисија дека тие самите во иднина ќе се повлекуваат од случаи каде има конфликт на интереси, само додава навреда на повредата. Зборувајќи со силата на својата професионална легитимност, тие повеќе ја потврдуваат нивната социјална легитимност која зависи од усогласувањето со локалните норми, каде аномалијата се доизградува за да функционира како правило.

Се додека формите на желба – желба за социјалност, домородност/локалност, политичка легитимност, како и материјално богатство – кои ја мотивираат корупцијата се длабоко социјални, канализирани низ државата, самата таа стимулира корупција. Па така, додека одоздолу ја поттикнува, а одозгоре се бори со неа, крајниот резултат е поништување на разликата помеѓу забраната и дозволата.

Можеби најдобрата метафора за оваа наша состојба ја дава Жижек, опишувајќи ја случката во хотел во Скопје, каде на прашањето дали е дозволено пушење во хотелската соба, рецепциониерот изречно одговара дека не е, дека е забрането со закон, за да додаде дека има пепелници во собата, така што тоа не е проблем. Контрадикторноста меѓу забраната и дозволата е отворено претпоставена и со тоа откажана, третирана како непостоечка, т.е. пораката е: „Забрането е, а еве како го правите тоа“. Она што се случува денес е дека отворено се признава оваа дисонанца и поради таа причина се третира како неважна.

Дополнително, нашиот патологизиран локалитет не може да се реши со полибералните текови на трговијата. Глобализацијата нѝ покажа дека политиките насочени кон отворање пазари и олабавување на транснационалните текови на трговија всушност размножуваат и забрзуваат нови форми на корупција. Така, примената на неолибералната дисциплина во демократската дистрибуција не ги затвора локалните криминализирани канали на желба кои ја поттикнуваат корупцијата во националниот контекст, но ги насочува тие желби во транснационални канали, подложни на нова динамика на слобода и контрола, динамика уште подлабоко обликувана од дијалектиката на глобалното и локалното. Наеднаш борејќи се и поттикнувајќи ја корупцијата, неолибералната држава мора истовремено да ја повика и глобалната либерална агенда за поддршка и легитимност за да го преживее сопствениот политички парадокс.

Сепак, она што постојано не демне не мора да е непробојна темнина. Истражувањата покажуваат дека повеќето луѓе ја препознаваат корупцијата како длабок проблем дури и кога ги потврдуваат социјалните врски што таа ги изразува. Основната осуда на корупцијата, дури и од оние кои профитираат од неа во нивниот секојдневен живот, сугерира простор за реформи.

Како и да е, за реформите да имаат резултат тие мора да се судрат со афективно ангажираната социјална желба. Без реконфигурирање на динамиката на желба и дисциплина антикорупциските механизми однапред се осудени да бидат поништени од секојдневните практики на преговарање, мрежи на солидарност, предаторски авторитет и редистрибутивна акумулација. Во оваа смисла, разрешувањето на корупцијата може да дојде само како неочекуван нуспроизвод (на социо-културната трансформација), никогаш како постигнување на поставена цел.

Затоа, вистинскиот избор е: дали треба да продолжиме да ја играме политичката „хуманитарна“ игра на грижа за ослободување на граѓаните од корумпирани поединци или да се справиме со многу потешката задача да го промениме системот што нив ги генерира? Без таква промена, нашата ситуација ќе биде сè понерационална.

Корупцијата не е неизбежен резултат на историјата и културата. Општествените норми може да бидат длабоко вградени и да се самозајакнуваат, но тие не се нужно замрзнати во времето. Аргументите кои се засноваат на суштината на човечката природа, на културниот релативизам и/или на неспроведливоста веќе долго време беа користени за негирање на основните човекови права како што се слободата од ропство, тортура и политичка репресија.

Глобализацијата сега ја предизвикува меѓународната заедница да ја подигне антикорупцијата како мерка за слободата на поединецот во општеството. Компетентниот развој на јавната политика, ефективната испорака на услуги од страна на бирократијата и правичното решавање на споровите – а кои корупцијата директно ги оневозможува – се основите за едно пристојно општество. Глодарите на јавните добра и јавните интереси го оневозможуваат остварувањето на функционалните одговорности на државата и на тој начин и остварувањето на нашите основни граѓански и политички, како и економски и социјални права, но и условите во кои можеме слободно да создаваме, градиме и да напредуваме.

Важно е нашите промени да се одвиваат по оваа линија. Барањето на индивидуата да биде ослободена од корупција е витален израз на човечката волја и капацитет за слобода. Повторно, подеднакво важно е ова будење да не се претвори во само уште еден случај каде политичката легитимизација се заснова на статусот на жртва на субектот, жртва на околностите. Опасноста е што, на хомологен начин, во тековното будење идеологијата на личната слобода може тивко да се спои со логиката на жртва (тука слободата се сведува на слободата да се изнесе сопствената жртва). Борбата против корупцијата лесно може да се присвои и од националистичките антилиберални сили, кои во револтот на граѓаните кон државниот криминал упорно го втуткуваат ресентиментот на вечно онеправданиот Македонец. Можеби во оваа хаотична мешавина на гласови каде сочувството се комбинира со опортунизам, невиноста со корупција, страста за слобода со вешта манипулација, токму во општествено изопштените, сите оние кои се излишни, неприлагодени, неснајдени, невмрежени – лежи вистинската еманципаторна волја.

Елена Михајлова Стратилати

 

 

 

 

Back to top button
Close