Задржани десетици пропалестински демонстранти во универзитетот Колумбија
Полицијата во Њујорк уапси неколку десетици лица кои учествуваа на протест во поддршка на Палестина во кампусот на универзитетот Колумбија, јави денеска „Си-ен-ен“.
Протестот се одржал околу главната библиотека на универзитетот, во која демонстрантите се обиделе насила да влезат. Универзитетската управа побарала интервенција на полицијата со цел да се заштити зградата на библиотеката Батлер. Засега не е познато со какви обвиненија уапсените се соочуваат. Биле задржани од 40 до 50 лица.
Имало и контрапротести на поддржувачите на Израел.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги намали федералните грантови за универзитетот Колумбија за 400 милиони долари поради наводна дискриминација на студентите со еврејско потекло и недоволен ангажман на универзитетот за нивна заштита. Според весникот „Волстрит журнал“, администрацијата побарала од универзитетот да прифати државен надзор, во спротивно ќе следи судски процес и можно дополнително заострување на условите за финансирање.
Белата куќа претходно им наложи на сите американски универзитети да гарантираат безбедност на студентите со еврејско потекло, предупредувајќи дека во спротивно ќе следува кратење на буџетските средства. Протестите во американските високообразовни институции се засилија по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователната офанзива на Израел во појасот Газа.