Заеднички проект на Грција и Бугарија за пловна станица за течен природен гас во Александруполи
Националниот оператор во Бугарија за природен гас, компанијата „Булгартрансгас“, преку преземени 20 отсто од акциите во грчката компанија „Гастрејд“, учествува во проектот за терминалот за течен природен гас во близина на Александруполи во Грција, што ќе претставува нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа, меѓу кои и Северна Македонија, Романија, Србија, Унгарија, Молдавија и Украина, јави дописничката на МИА од Атина.
Договорот за купо-продажбата на акциите и учеството на бугарската компанија денеска беше потпишан во Атина, во присуство на премиерите на Грција и Бугарија, Кирјакос Мицотакис и Бојко Борисов, кои ја истакнаа важноста на проектот, како за двете земји, така и за поширокиот регион.
Како што соопштуваат од грчката компанија, „Гастрејд“ создава пловна станица на 17 километри од Александруполи за привремено складирање и гасифкација на течниот природен гас, со капацитет од 170.000 кубни метри и можност за снабдување со природен гас од над 5,5 милијарди кубни метри.
-Пловната единица ќе се поврзува со националниот систем за природен гас со гасовод во должина од 28 километри, преку кој гасифицираниот течен природен гас ќе се дистрибуира на пазарите во Грција, Бугарија, но и во поширокиот регион, од Романија, Србија и С.Македонија, до Унгарија, Молдавија и Украна, соопштуваат од „Гастертрејд“.
Конкретниот проект го поддржува и дополнува интерконекторот „ИГБ“ меѓу Грција и Бугарија.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на денешната манифестација за вклучувањето на бугарската компанија во проектот рече дека кон крајот на 2022, почетокот на 2023 преку низа интерконектори природниот гас ќе се дистрибуира до Грција, Бугарија и Југоисточна и Централна Европа.
-Придобивките, очигледно, се и геополитички. Со новата оска се постигнува диверзификација на рутите на природниот гас не само за Бугарија, туку и за Централна Европа, која веќе нема да има само еден и единствен извор на енергија. Од друга страна, локацијата на новата станица во Александруполи ќе го зајакне геополитички карактер, како енергетски центар во пошироката област, рече Мицотакис кој додаде дека пристаништето во Александруполи „беше предмет на војни во минатите векови, а сега е пример за тоа колку далеку може да се стигне со мирниот соживот и економска соработка во корист не само на двата народи, туку и на поширокиот балкански регион“.
Премиерот на Бугарија Бојко Борисов истакна дека заедно со Грција, со голема волја и покрај одредени противења, успеале да стигнат до решение што ги задоволува сите страни, а двете земји придонесуваат за енергетска диверзификација во регионот.
-И мене не ми се веруваше, но работевме до крај и сега даваме можност да се снабдуваме со гас од сите страни на светот, рече Борисов.
По завршувањето на настанот, премиерите на Грција и Бугарија и делегациите на двете земји имаа заеднички ручек.