Заев: Досега не сум направил никаква штета на државните и на националните интереси
Договорите се обврска на двете страни кои ги потпишуваат. Наше гајле е ние да го спроведуваме она што е наша обврска. Поуспешни сме од било кои други договори што се постигнати во модерна Европа. Еве да земеме, на некои историските комисии им требало и по 20 години да дојдат до решение. А,ние во првите две години успеавме да се договориме за пет историски личности и три историски периоди и ги славиме заедно, истакнува премиерот Зоран Заев во интервју за „Фокус“.
– Историјата билатерално да се решава и за неа да разговараат експерти и историчари, иако историјата е динамична наука и секој има право на различни погледи, аргументации и докази за својата автентичност. Очекуваме одговорност и од другата стана, затоа што имаат обврска во Договорот за континуирано поддржување и помагање на РСМ. Јасно кажав дека Бугарија еклатантно го крши членот 2 од Договорот. Тие секогаш искажуваат незадоволство од реализација на Договорот, но не треба да се заборави дека нашата земја помина низ референдум, промена на Уставот, а дојде и пандемијата – вели Заев.
Тој посочува со Бугарија потпишавме дека имаме заедничка историја, но, додава, целиот Балкан има таква историја.
– Можам да кажам само свое мислење. Но, знам дека сум претседател на Владата со огромна одговорност и чест и знам каде се и кои се нашите црвени линии, и дека не можам ниту јас, ниту некоја друга влада, или пак, Унијата да менуваат работи кои не се дозволиви за нив да се разговара, а камоли, да се менуваат. Зборувам за нашиот идентитет и јазик. Изнајдовме креативни решенија за проблемот со името и гледате дека имаме не само пријател во јужниот сосед Грција, туку и стратешки партнер и еден од најголемите поддржувачи и инвеститори – вели Заев.
На прашањето дали некои негови изјави дале можност на Бугарија да верува дека може да се направи ревизија на историјата, Заев одговора: „Кажувате неточни констатации. Потпишавме дека имаме заедничка историја меѓу двата народа и тука да бидеме на чисто. Целиот Балкан има заедничка историја. Ние имаме наша сопствена историја, но и заедничка. Нели, османлиското ропство е заедничка историја и за нас и за Бугарија? Зарем Римското царство не го покривало целиот овој регион? Затоа денеска славиме заеднички ликови како Цар Самоил, Св.Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Точно и јасно знаев што кажувам и никогаш не биле моите непромислени изјави, туку биле отворени и чесни изјави“.
Заев тврди и дека не предизвикува, туку решава проблеми, со целосна заштита на националните и државните интереси.
– Политичарите ги решаваат проблемите и обезбедуваат услови да се решаваат проблемите. Имавме политичари кои проблемите ги ставаа под тепих. Најлесно е да го заобиколите проблемот и ништо да не коментирате. Тука ќе им оставите на историчарите, на друго место на експертите по образование или култура, а државата ни се празни и бегаат младите. Досега не сум направил никаква штета на државните и националните интереси, туку напротив, не само што ги имам сочувано, туку и доафирмирано и потврдено, како што е тоа македонскиот јазик и идентитетот, кои се впишани во личната карта на Република Северна Македонија во Обединетите нации и никој повеќе не ги спори, затоа што тоа е најголемата светска организација. Сум се потврдил како решавач на проблеми, а не како предизвикувач, како што голем број од нашите политички опоненти го правеа во минатото. Целосно ја носам одговорноста за моите постапки и политики, како што ги носам и ловориките во делот на успесите. Денеска државата е почитувана повеќе од било кога. Тоа е најголемата потврда какви сме и какви политики носиме. Но, за мене најголема потврда се последните парламентарни избори – наведува Заев во интервјуото за „Фокус“.