Заев: ДУИ ќе оди во опозиција, национализмот нема иднина во Северна Македонија

– Пораката на ДУИ за премиер Албанец е уценувачка. Граѓаните се тие што одлучуваат кој ќе ја предводи владата, рече вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Во емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат, Заев истакна дека ДУИ ќе оди во опозиција, а национализмот нема иднина во Северна Македонија.

-Секогаш сме имале чесна и отворена соработка со ДУИ. Дури и кога не сме се согласиле. Секогаш сум бил транспарентен. Го разбирам Ахмети зошто оди со националистичка политика. Но, денес граѓаните знаат се. Ние ги обединуваме сите. Не ги делиме. Политичарите кои се враќаат кон национализмот, ќе бидат казнети на овие избори. Тоа граѓаните ќе им го покажат. Национализмот нема иднина во Северна Македонија, потенцира Заев.

Според него, ДУИ знае дека е добро за неа да замине во опозиција, да се демократизира, да изгради економски став и програма.

-Јас тоа го кажувам како мое мислење. Граѓаните ќе одлучат. На овие избори јас сум мандаторот на оваа најмултиетничка коалиција во политичката историја на Северна Македонија, подвлече Заев.

Тој најави сериозни реформи, а во врска со економијата рече дека ќе бидеме лидери на Балканот. Предностите, оцени, мора да се искористат, а младите треба да останат тука.

-Само со глас за СДСМ и коалицијата „Можеме“ сигурен е патот кон ЕУ, сигурен е концептот „едно општество за сите“. СДСМ го има најголемиот коалициски капацитет, ние сме револуционерите на концептот „едно општество за сите“. По 15 јули работите ќе бидат поинакви за сите, еднаквоста е да се почитува сограѓанинот секогаш, во секој аспект и затоа ние работиме во сите средини во државата подеднакво, рече Заев.

Во новата влада на СДСМ, подвлече, ќе има министри Албанци, а парламентарното мнозинство ќе биде „најмултиетничко“.

-Единствено давајќи ни поддршка нам, сигурен е нашиот евро-атлантски пат и нашето „едно општество за сите“. Сите други опции се опасност за заедничкиот живот. Нашето парламентарно мнозинство ќе биде најмултиетничко, најшаренолико. Ќе работиме заедно. За еднакви права. За рамномерен регионален развој. Без национализам. Сите се важни, сите се еднакви. Во новата влада на СДСМ ќе има министри Албанци и преку нашата коалиција и преку потенцијалните коалициони партнери. Тоа е нормално. Тоа е здраво, укажа лидерот на СДСМ.

Заев уште еднаш повтори дека Владата на СДСМ донесе храбри и историски одлуки, а сега се на ред граѓаните – да излезат да гласаат за коалицијата „Можеме“.

-За да можат сите граѓани да бидат заштитени, за да сме сигурни дека  нема да бидат поништени историските закони и договори со соседите, единствената опција е граѓаните да гласаат за „Можеме”. На другата страна имате луѓе како Гордана Силјановска кои отворено зборуваат против законот за јазиците, Преспанскиот договор и договорот со Бугарија. Тие дури зборуваат и за поништување на Рамковниот договор и ново уредување на државата. Тоа се нови горчини. Нови конфликти. Нови проблеми. Со тоа нема да можеме да ја донесеме Европа дома. Гласајќи за другите партии од албанскиот блок кои би влегле во коалиција со Мицкоски, тоа впрочем значи минирање на нашите евро-атлантски интеграции, и на договорите кои ни го овозможија тоа. Не верувам дека Мицкоски ќе добие таква шанса, да ги поништи сите успеси. Но моето политичко искуство кажувам, и стотина гласа имаат моќ да  ја одлучат иднината на државата Ние донесовме одлуки без да мислиме на личниот или партиски рејтинг. Донесовме храбри и историски одлуки. Сега е време граѓаните да го направат истото, заклучи Заев.

Back to top button
Close