Заев: Ќе најдеме решение со Бугарија, двете земји треба да бидат победници
Историјата е важна и треба да биде појдовна основа за иднината, верувам дека ќе најдеме решение со Бугарија и двете страни ќе бидеме победници, рече премиерот Зоран Заев во вечерашното интервју на МРТВ каде новинари му поставуваат прашања, а една од темите беше и за евентуалниот спор со Бугарија околу Гоце Делчев.
„Решивме три поглавја, пет историски личности наназад, шестата историска личност е Гоце Делчев. Дали е Заев и Борисов дали е било кој понатаму, ако само едната страна добива, нема иднина. Решенијата ги најдовме за крупните прашања. Имаме архиви, ќе седнеме ќе ги извадиме транспарентно и јавно. Важна е историјата, но треба да биде појдовна основа за иднината. Ќе најдеме решение. Треба да излеземе двете страни победници“,рече Заев.
Тој додаде дека е во комуникација со бугарскиот премиер Бојко Борисов, но за оваа тема сè уште не разговарале.
„Незгодно е да се отвори прашањето кога има таму протести. Ние чекаме кога тие ќе бидат подготвени да зборуваме. Верувам дека во брзо време ќе влеземе и верувам во успешност на разговорите каде двете страни добиваат“,рече Заев.
Запрашан дали би прифатил Гоце Делчев да биде Бугарин се со цел влегување во Европската унија, Заев повтори дека решение ќе се најде.
„Треба со пријателите пријателски и верувам дека ќе изнајдеме решение. Со тоа што вие го кажавте Бугарија добива. Треба двете страни да бидат среќни. Не да биде поразена Бугарија, ниту Северна Македонија, и Македонците кои зборуваат македонски јазик. Немаат проблем со оваа работа. Нема дилеми, зборуваат многу често за македонскиот јазик. Пријатели сме ќе најдеме решение“,рече Заев.
Тој додаде дека ова прашање со Бугарија е многу полесно отколку прашањето за името со Грција.