Заев е важен за балансот во мнозинството, вели Османи по најавите за нов мандатар

Во разговор за емисијата „360 степени“, што ќе се емитува вечерва, министерот од редовите на ДУИ изјави дека ова мнозинство, „кое беше релативно тесно, е постигнато преку прецизен баланс на сили, во кој премиерот Заев беше важна фигура за негово одржување“

„СДСМ има право на свои одлуки, а и јас како личност, на крајот на денот, имам право на лична одлука“, изјави Заев, во врска со инсистирањата на ДУИ тој да остане на чело на Владата

Нема дилема дека ова мнозинство има над 61 пратеник, има неколку опции за тоа, но да не откривам детали, бидејќи преговорите се во тек, порача министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во гостувањето во емисијата „360 степени“, што ќе се емитува вечерва на Алсат, со почеток во 22 часот.

Во однос на ефектуирањето на најавената, па одложена оставка од премиерот Зоран Заев по локалните избори, Османи остана на ставот дека тоа не била добра одлука.

„Со нас не е комуницирано повторно активирање на оставката на премиерот, нашиот став од првиот ден е ист дека ова е непотребен луксуз во ова време за државата. Сепак, се сменија околностите полокалните избори и сите треба да се прилагодиме на новите околности, приоритети кои се појавија и ризиците пред кои беше ставена државата. Очекувам оваа Влада да продолжи, со тоа што не го делам мислењето во јавноста во однос на реконструкција, повеќе го гледам како процес за пополнување на испразнетите места по оставките на функционерите на Беса“,рече шефот на дипломатијата, во разговорот за „360 степени“, кој го водевме пред средбата на Заев со лидерот на Алтернатива.

На прашањето кој е ставот на ДУИ за Влада со исто мнозинство, но со друг мандатар, Османи одговори дека Заев била важна фигура за одржување на стабилноста во мнозинството.

„Ова мнозинство, кое беше релативно тесно, е постигнато преку прецизен баланс на сили во којшто премиерот Заев беше важна фигура за одржување на балансот. Мислам дека и ако ги имаме бројките на хартија, тешко ќе биде одржлив балансот на кое било мнозинство со изменети улоги и изменети страни кои го договориле ова мнозинство пред околу една година. Ние го имавме ова предвид кога укажувавме дека ова не е добра одлука и тоа се покажа по обидот за ново мнозинство во Собранието. Истото го сметаме и сега, независно што можеме да ги имаме бројките на хартија, поместувањето на коцките во мозаикот може да биде тешко одржливо поради спецификите на контекстот и на договореното и на самото мнозинство“,вели Османи.

По средбата со Африм Гаши, Заев рече дека секоја партија има право на свои одлуки и дека тој има лично право да понесе политичка одговорност, одговарајќи на новинарско прашање во врска со инсистирањата на ДУИ тој да остане на чело на Владата.

„Секоја партија треба да одлучува за своите чекори. Секако, ДУИ е запознаена со мојата јавна објава за оставката. Ја одложив оставката заради обезбедување на мнозинството. СДСМ има право на свои одлуки, а и јас како личност, на крајот на денот, имам право на лична одлука. Дилемите се отворени дали локалните избори се доволна причина, како лани сме добиле поддршка…, јас ги образложив своите причина за оставките што ги најавив . Образиот и достоинството се важни работи, зборот е збор и треба да се почитува. Во демократијата се понесува одговорност кога ќе изгубите. Не е лесно да се биде пригресиваен, тоа значи да се гледа малку подалеку, да не се калкулира за политичка фотелја и за рејтинг, туку да се биде храбат и да се носаат сериозни одлуки. Политичарите доаѓаат и си одат, важно е државата да оди напред“,

рече Заев, откако најави дека ќе ја ефектуира својата оставка во СДСМ, а потоа и на чело на Владата, за новиот партиски лидер да биде мандатар за состав на нова Влада.

 

Back to top button
Close