Заев: ЕУ мора да најде формула да го одржи својот збор и да го продолжи проширувањето

 ЕУ и Западен Балкан секогаш ќе бидат посилни заедно. Иако овој Самит не е исклучиво посветен само на проширувањето на ЕУ, сепак го отвора патот да се продолжи со разговорите кои ќе обезбедат спроведување на одлуките за проширување донесени во март минатата година. Се надевам дека во декември 2021 година ќе имаме вин-вин процес и исход, а не пораз-пораз. Сите ние тука имаме одговорност да го направиме ова, истакна претседателот на Владата Зоран Заев на втората тематска сесија на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Брдо-Крањ во Република Словенија, посветен на проширувањето на ЕУ.

Премиерот Заев нагласи дека е многу важно што на овој Самит е жив духот од јули оваа година, кога Словенија го презеде претседателството со ЕУ, и кога беше силно изразена посветеноста за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

– Верувам, и се надевам дека ќе го споделите со мене истото мислење, кога велам дека е потребен нов поттик за да се забрза процесот на донесување одлуки, бидејќи блокадата ќе продолжи да ги охрабрува ретроградните сили кои се противат на европското единство и вредности, коишто се вредности на земјите од Западен Балкан и кои ние ги прифативме и ги негуваме, потенцира премиерот Заев.

Тој истакна дека Северна Македонија презеде сѐ што беше неопходно и што беше потврдено како позитивно во март 2020 година, и е подготвена да направи и дополнителни прифатливи чекори, но и дека истата одговорност се очекува и од другата страна за вин-вин надминување на блокадата за проширување на ЕУ.

– Во духот на европските добрососедски односи, ќе ги интензивираме разговорите со нашиот сосед Бугарија и искрено ќе преземеме чекори во насока на решавање на отворените прашања. И досега покажавме подготвеност и конструктивен придонес во решавањето на билатералните прашања преку меѓусебно почитување и заштита на националното достоинство, но идентитетските прашања се едноставно невозможни за преговарање, нагласи премиерот.

Северна Македонија ќе продолжи по патот на реформите, рече Заев, и додаде дека преку владините стратегии „Акција 2021“ и „Европа дома“, сериозно се имплементираат европските вредности.

– ЕУ мора да најде формула како да го одржи својот збор и да го продолжи проширувањето на Западен Балкан. Граѓаните на Северна Македонија ќе видат огромен неуспех во политиките на Унијата доколку итно не им се испорача европската перспектива. Овој процес нема алтернатива, и затоа остануваме посветени на нашата стратешка цел – членство во ЕУ преку целосна имплементација на европските вредности и стандарди во Република Северна Македонија, истакна претседателот на Владата Зоран Заев на втората тематска сесија на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Брдо-Крањ во Република Словенија, посветен на проширувањето на ЕУ.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close