Заев: Граѓаните и економијата заслужуваат редовни парламентарни избори

Во отсуство на суштинска аргументација не треба да има предвремени парламентарни избори и по две децении ред е да одиме на редовни во 2024 година со цел да се даде шанса економијата да живее, да функционира општеството и граѓаните да си го планираат својот живот и својата работа, истакна премиерот Зоран Заев во интервју за весникот „Коха“.

Заев посочува дека извесен период Парламентот беше блокиран поради пратеници болни од Ковид-19, но тоа, како што вели, веќе нема да може да се злоупотребува како аргумент бидејќи е во тек ревакцинацијата на пратениците.

Нереално е, вели тој, во отсуство на квалитетни концепти и стратегии од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, таа да формира поголемо парламентарно мнозинство од актуелното, особено што, како што нагласува, „досега преку користењето на деловничкото право да се поднесат илјадници амандмани само ја кочеа работата на Парламентот особено во Комисии каде што претседател е од опозицијата или слично, а тоа не се решава со нови парламентарни избори есента“.

– Сега ни претстојат локални избори, многу важни избори за градоначалници и советите во општините. Исклучително значајни за животот на граѓаните, бидејќи секојдневното функционирање во огромен процент е врзан со општината. Под надлежност на општините се школите, градинките библиотеките, пожарните, комуналните претпријатија и нивното квалитетно функционирање е многу важно за секојдневието на граѓаните, посочи Заев за „Коха“.

Во однос на локалните избори тој истакна дека СДСМ ќе продолжи да ја негува отвореноста кон сите етнички заедници и градењето коалиции, бидејќи, како што вели, на ваков несебичен начин делејќи ја власта се добива во квалитет и таа станува подемократска.

– Лани ја направивме првата целосно мултиетничка коалиција со Движењето БЕСА, којашто влезе со нас и веројатно заедно ќе одиме на овие избори. Ќе направиме сè да одиме заедно како и со нашите други коалициони партнери, дали тоа ќе биде во втор круг или во прв круг зависи од кандидатите, истакна Заев и додава дека тоа е многу логично, природно и демократски.

На локалните избори, според него, најважен ќе бид квалитетот на кандидатите кои ќе се понудат на граѓаните и затоа, како што најави, следува период на сериозни истражувања и анализи, теренски анкети со луѓето со цел да им кажат што е најдобро, бидејќи тие кои ќе бидат поставени ќе им служат на граѓаните.

Очекува успешни локални избори, пред сè демократски, фер и чесни и верува дека „понесената победа ќе биде дополнителна потврда дека се движат во вистинскиот правец, да се подобруваат и да им служат на граѓаните“

Back to top button
Close