Повеќе од еден час Заев и Ахмети разговараат за конечен договор за владина коалиција
Повеќе од еден час лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети, придружувани од генералните секретари на партиите Артан Груби и Љупчо Николовски во Клубот на пратеници разговараат за деталите за формирање владина коалиција.
СДСМ и ДУИ веќе соопштија дека е постигнат сериозен договор меѓу двете партии во преговорите за формирање влада, но детали од средбата не се изнесуваат. Како што е најавено, по средбата се очекуваат изјави од лидерите на двете партии.
Како што соопштија партиите претходно, во изминатите денови СДСМ и ДУИ работеле на усогласување на изборните програми и распределба на одговорностите според ресори на двете партии и на создавање на четиригодишна програма за работа на идната влада, а разговорите биле во целост посветени на економијата, правдата, еднаквоста и интеграциите. Двете партии информираа дека е постигната начелна согласност во однос на распределбата на одговорностите според ресори, без да откријат детали за кадровските решенија.
Двете партии ги почнаа преговорите веднаш по конститутивната седница на Парламентот на 4 август, се одржаа неколку средби меѓу Заев и Ахмети. Консултации двете партии имаа и во четвртокот минатата недела, откако претходно истиот ден, шефот на државата Стево Пендаровски му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Тричасовна средба на Заев со Ахмети тогаш, во заедничко соопштение, беше оценета како конструктивна и продуктивна и на која биле постигнати основите за „напредок кон коалициски договор за нова европска Влада посветена на европските интеграции, на економијата, еднаквоста и на владеењето на правото“.
По договорот за нова влада се очекува претседавачот на Собранието Талат Џафери да закаже продолжение на конститутивната седница и да биде избран претседател на законодавниот дом, кој, пак, во законски утврдениот рок ќе треба да свика нова седница за избор на новиот владин кабинет.