Заев и Хоџа на средба со тутунопроизводителите – Согласност да се покрене иницијатива за укинување на четвртата класа и дополнителните класи тутун
Премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа денеска на средба со Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари и Сојузот на тутунарски здруженија изразија согласност да се покрене иницијатива за укинување на четвртата класа, како и дополнителните класи тутун, за откуп од реколтата од оваа година, со што компаниите откупувачи ќе го дадат својот придонес за постигнување повисока просечна цена.
Како што соопштуваат од владината прес-служба, премиерот Заев истакна дека тој и министерот Хоџа ќе ја интензивираат комуникацијата со овластените компании за откуп на тутунот за ова прашање, како и за конструктивен и флексибилен пристап во однос на категоризацијата на тутунот, вклучувајќи го овој пристап и кон проценката за одбиток за кој ќе се бара решение да не биде повисок од 5 отсто.
На средбата со Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари и Сојузот на тутунарски здруженија, премиерот Зоран Заев истакна дека Владата ќе го следи откупот на тутунот на дневна основа и ќе ги примени достапните можности цената на откупениот тутун на ниво на целата држава да ја достигне просечната цена најмалку од 180 денари.
На средбата е истакнато дека во интерес на тутунопроизводителите и на Владата е да продолжи динамиката на откупот со подеднакви количини од сите категории тутун како обврска и на производителите и на откупувачите за да се постигне поволна просечна цена.
Од страна на Владата, на состанокот е истакнот дека ќе продолжи инсистирањето компаниите откупувачи да ја исполнат својата обврска да ги откупат сите количини на кои се обврзаа со државата, а со тоа и со тутунопроизводителите.
Во соопштението се наведува дека дополнително се потврди определбата на Владата до крајот на сезоната, откако ќе заврши откупот на договорените количини за оваа година, да се исполни и обврската да се откупи и вишокот тутун од оваа година.
Премиерот Заев и министерот Хоџа го прифатија и барањето на тутунопроизводителите за измени и дополнувања на Законот за да се избегнат во иднина дел од прашањата што се појавија со годинешната реколта на тутунот, вклучувајќи и тоа откупувачите да бидат законски обврзани да им потпишат договори за нова реколта со исти количини од претходната реколта на сите тутунопроизводители кои при проценка на Второстепената комисија добиле подобра проценка на тутунот.