Заев и Мицкоски бараат одговорност за „бомбите“, вината ја лоцираат на спротивната страна

Поднесовме кривични пријави за да се знае дека неовластеното прислушување е забрането со закон, но разликата меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ е јасна. Кога сме снимале не сме се криеле ниту зад портали, ниту било кои други инструменти на вака објавување на разговори во кои се слушаат трети лица како зборуваат, туку сме објавувале директно, со автентичен глас, комплетно потврдено од почеток до крај самите разговори биле дадени на новинарите, рече вечерва лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Тој на дебатата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на МРТ, потенцира дека СДСМ секогаш кога имал индиции и докази за незаконско и неетичко работење тоа го правеле транспарентно и јавно.

– И јавниот обвинител и судство и било кој треба да постапува за секого во државата, и постапува за секој. Првпат во државата е осуден јавен обвинител, газда на медиум е осуден, бизнисмен е осуден. Зоран Заев не ве снимал кога бевте сами со Зоран кичевскиот и со вашата соработничка. Вие тоа сте го кажале со вашиот глас. И сега се гледа зошто се правеле опструкции цело време. Но, тоа е завршена работа, знаат граѓаните се. Луѓето чекаат понуда, ние сме преокупирани на понудата, нагласи Заев.

Тој посочи дека треба сите да апелираат да се најдат сите што незаконски прислушуваат, бидејќи е казниво по закон и се одговара за тоа.

– Кој сака нека е има да одговара за сите што објавуваат, без разлика дали за Заев или Мицкоски, кривична пријава поднесовме преку правниот совет на СДСМ за да одговара секој, прво за да ги заштитиме граѓаните да не се плашат, дополни Заев.

Според Мицкоски, пак, секогаш за да се дојде до вистината треба да се лоцира одговорноста.

– Јас навистина сум згрозен од ова што го слушам, без разлика од содржината каква е, дали е спротивна кон мене. И тоа не само што не го оправдувам, туку тоа треба драконски да се казни и немам никаква дилема. Треба да се имплементира законот од првата до последната буква. Ќе ви дадам пример, ќе се присетам на една прес-конференција кога господинот Заев велеше „во оваа држава еден е Бошко Буха“, алудирајќи притоа на себе. Јас го повикувам обвинителот да го повика господинот Заев да видиме дали е тој Бошко Буха кој ги објавува овие нелегално стекнати материјали, бидејќи таму имаме материјали кои се вклучени актуелни политичари кои имаат генеза од она време за кое сега Заев зборуваше, за папките, за кривичните пријави, вели Мицкоски.

Тој рече дека може да се приклучи на таа кривична пријава против сите кои ги реемитуваат аудиоснимките, па, како што вели, да ги пронајде обвинителството кои се тие лица и каква намера имаат.

– Господинот Заев алудира на оној нелегално снимен материјал, кој лицето го правел со мене, прептоставувам имал причини за тоа. Но, исто така имаме лице кое, како што кажа Заев во еден таков разговор му наоѓаме пари да ја финасира телевизијата, јавно на суд во завршни зборови кажува дека сите рекетирани пари во оваа држава завршиле таму и таму. А замислете јавниот обвинител не се дрзнал да ги повика тие лица да посведочат дали тие пари токму таму завршиле, како што посочи тоа лице. Треба да сме чесни кога цитираме, да го цитираме и тоа што не ни одговора, не само што тоа ни одговара, нагласи Мицкоски.

Back to top button
Close