Заев и Шилегов на акција за расчистување на поранешниот полигон за обука на возачи под Кале

– На одбележувањето на Светскиот ден на заштита на животната средина, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и премиерот Зоран Заев, присуствуваа на акцијата на Град Скопје за расчистување на поранешниот полигон за обука на возачи под Кале. На акцијата присуствуваа и директорката на УЈП, Сања Лукаревска и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.

-Факт е дека како резултат активностите на овој проект и на низата други значајни сеопфатни проекти оваа година не разговараме за загаден воздух во главниот град, односно имаме огромно намалување на бројот на денови со надминати концентрации на пи-ем честички, рече Заев, додавајќи дека некои ќе се повикаат на времето, климатските промени, но факт е дека намалувањето е и резултат на заедничка акција на сите.

Според него, тоа е резултат е и на зголемената свест кај граѓаните, која е на највисоко ниво досега и е дополнителен поттик за оваа Влада да продолжи со еколошките проекти како што беше замената на загадувачките печки на дрва и на фосилни горива со еколошки чисти инвертери во Скопје и во неколку други градови.

-Граѓаните, особено помладите, сѐ повеќе користат превозни средства кои не загадуваат како велосипеди или електрични тротинети, а сериозен поттик за ова е исполнувањето на потребите на луѓето кои пешачат и возат велосипед како клучен дел од решенијата за урбана мобилност во здрава животна средина. Во таа насока се и сите инфраструктурни зафати во главниот град Скопје, како и во другите градови во земјата, истакна Заев.

Потсети дека во Скопје веќе се надминати 100 километри добро организирани велосипедски патеки и стануваат многу препознатливи одделните велосипедски и пешачки зони долж улиците и булеварите проследени со зелени појаси, а во градот има повеќе зеленило, ослободени дрва, поставувани се зелени бариери помеѓу пешаците/велосипедистите и возилата, нови паркови, зелени кровови.

-И не само во Скопје. Во 36 општини, во 108 јавни објекти има фотоволтаични системи и повеќе зелени површини и се спроведуваат мерки за директно справување со изворите на загадување. Еколошката агенда на државата ја следиме и со зелени енергетски проекти, согласно Европската зелена агенда, односно ја спроведуваме транзицијата од јаглен во еколошки енергенси за производство на електрична енергија, рече тој.

Премиерот истакна дека на местата во државата каде што претходно функционираа рудниците за јаглен и загадувачките термоцентрали сега се градат фотонапонски електрани и се редат ветерни паркови и гасни електро-централи.

Тој апелираше на уште повеќе заеднички акции, истакнувајќи дека успехот во остварувањето на здрава животна средина како наше секојдневие е можен само со координирани, заеднички акции на граѓаните, деловната заедница и општините и државните институции.

Градоначалникот Шилегов рече дека не случајно е избрана оваа локција под Кале, која изминативе три години беше предмет на анализа на Град Скопје и УНДП како дел од проектот „Отпорно Скопје“ и изготвени се две студи: Студија за озеленување и пошумување на подрачјето на Град Скопје и Студија за ерозија и акциски план на Град Скопје.

-Оваа локација-ридот на Кале е една од најкритичните точки на градот во смисла на ерозија и согласно таа студија во изминативе две и пол години, Градот Скопје во соработка со УНДП има засадено над 11.500 садници со цел спречување на ерозивните процеси. Сакам да најавам дека оваа локација во иднина ќе биде во фокус на градот во смисла на уредување на јавниот простор. Овој простор треба да премине во организирано паркирање, но и да се изградат нов памптрак полигон, скејт парк, кошаркарски игралишта со цел овој простор кој во минатото беше сериозно девастиран и заборавен од градските власти да го ставиме во употреба на Скопјани, рече Шилегов.

Со уредувањето на овој простор, додаде тој, што локациски се наоѓа во непосредна близина на Градскиот парк, и воведување организирано паркирање планираме да го направиме многу подостапен пристапот до Градскиот парк, забавниот парк, Зоолошката градина.

Апелираше до скопјани, особено граѓаните што доаѓаат од Аеродром, Ново Лисиче, Бутел и Чаир наместо да одат да паркираат пред ЗОО Скопје да го користат овој простор, што сега е слободен за паркирање, исчистен и релативно безбеден.

Шилегов истакна дека зеленилото во Скопје, здравата животна и јавната чистота средина се императив за него, градската администрација и Владата и дека и понатаму посветено ќе се работи на подобрување на животната средина и јавната чистота во градот, но и на територијата на целата држава.

Back to top button
Close