Заев, Мицкоски и д-р Фројд

Како е можно политиката на Зоран Заев за меѓународното позиционирање на државава со години по ред да добива активна поддршка и највисоки оценки од најважните лево-ориентирани и од најрелевеантните десно-ориентирани политички кругови во Европа (не е за чудење кога европските социјалисти ќе пишат ферман со комплименти за лидерот на СДСМ, но Меркел или Пленковиќ сигурно не се идеолошките компањони на Заев); а на протестите на Мицкоски, на кои на долго и широко се колне меѓународната политика на Македонија, не му поаѓа од рака да ги придобие ни поддржувачите на ВМРО од Драчево, на пример?

Да се занимаваш со лидерска политика во Македонија, а постојано да ја имаш меѓународната заедница против тебе, не е никаква внатрешно-политичка препорака. Околу лидерот на опозицијата се останати најзакоравените поддржувачи на регионалната и пошироката меѓународна изолација на Македонија. Да речеме, најгласниот, поранешниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски, барем десетина години беше еден од највлијателните креатори на политиката на Груевски што нè оддалечи од соседите, од Европа и од светот како што се разделени Северниот и Јужниот пол. Дури и сегашните коалициски владејачки европски „таленти“ во Софија, идеолошки распослани од центар-десно кон крајната десница, се согласни дека, ако го „изгорат“ Заев во кашата на сопствената изборна политика, во Скопје не ќе имаат со кого ни „здравеј“ да си кажат во многу догледни години.

Добро, националистите и онака својата нација идеално ја замислуваат како мала макета на античка галија напикана, весло по весло, низ тесното грло на стаклено шише, за да може да се затне со тапа и да се изложи на полица – никаде да не плови, но да изгледа регално! Само правот на шишето редовно се брише.

Не е ни чудо што секој македонски успех на меѓународната сцена овие луѓе го доживуваат како свој личен неуспех. Секој странски комплимент за Македонија е капка пелин во нивното утринско кафе. Ситничави, завидливи, цинични, патетични… НУЛА придонес за нашето општо добро. Ни во Собранието, ни на улиците: колку помалку луѓе на „блокадите“ по градовите, толку се транспарентите за предавства и оставки поголеми, навивачката пиротехника поразбуктена, а навредите и омаловажувањата похистерични. За стравување е дека кога ќе се сведат на по десетина души дневно, ќе се полијат со бензин и ќе се запалат.

Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ на следниот линк.

Back to top button
Close