Заев: Мултиетничкиот дух на Гостивар го потврдивме низ целата држава

Гостивар е изворот на концептот едно општество за сите и тој негов дух го потврдуваме низ целата држава, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев на граѓанска трибина во Гостивар.

Осврнувајќи се на мултиетничноста на овој град, лидерот на социјалдемократите го пофали заедништвото на гостиварци нагласувајќи притоа дека токму тоа и е пресликано на кандидатската листа на коалицијата „Можеме“ во ИЕ 6.

– Гостивар отсекогаш бил пример за мултиетничноста, пример на единство и сплотеност. Тоа е иднината, тоа единство и заедништво е единствениот исправен пат, модел кој може да на јакне и на економски план, и како народ и како држава и како луѓе. Тоа е единствениот модел кој може да им гарантира подобра иднина на нашите деца. Ви благодарам што верувате во тој концепт и кога многу други не веруваа, рече Заев пред граѓаните на Гостивар.

Тој додаде дека изминативе години биле донесени повеќе закони кои го унапредија општеството и донеле поголема демократија, иако за тоа биле жестоко критикувани од опозицијата. Заев го нагласи носењето на Законот за употреба на јазиците, за кој како што подвлече никој не загубил ништо, а со него се доби само повеќе единство и меѓусебно разбирање.

Првиот социјалдемократ нагласи дека според последните анализи, коалицијата „Можеме“ има предност од осум пратенички мандати, а тој ќе биде идниот премиер. Заев искажа и оптимизам дека во Шестата изборна единица коалицијата „Можеме“ ќе ги победи ДУИ и Алијансата за албанците.

– Ќе ги победиме и ВМРО ДПМНЕ за барем двојно повеќе пратеници, а ќе победиме бидејќи сме заедно, а тој капацитет го нема ниту еден од нашите политички противници. Коалицијата „Можеме“ ќе победи затоа што граѓаните ги препознаваат храбрите одлуки. Одлуки што изминативе три децении никој не се осудил да ги донесе, подвлече Заев

Заев се осврна и на реториката на неговите опоненти, оценувајќи ја како националистичка и како што напомена, таа е назадна и непродуктивна.

- Денеска вистински патриот е оној што е економски патриот, оној што гради единство. Вистински патриот е оној што ги расте платите на граѓаните, патриот е оној што ги вработува младите во државата и што ги враќа парите назад кон граѓаните. Вистински патриот е оној што не калкулира со својот рејтинг, туку носи одлука за својот народ. Другите сè уште се кријат и играат на картата на национализмот, а тие се кукавици, подвлече Заев.

Зборувајќи за економските политики Заев наброја дел од мерките кои ги спровела Владата, а наидувале на отпор кај опозицијата

– Еве почнувајќи од 1 јули 2019 и во услови на криза, за 100 милиони евра повеќе пари има од ДДВ во буџетот. Тие пари и порано се плаќале од граѓаните, секаде каде што купувате плаќате со ДДВ, само некој не ги плаќал во државниот буџет. Покажавме авангардно носење на одлуки, рече Заев.

Тој зборуваше за новите економски мерки од следната четиригодишна економска агенда која, како што рече, носи нова развојна економија со повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард.

– Продолжуваме да пуштаме пари назад кај граѓаните. Мој ДДВ ќе го зголемиме за 33 проценти. Од 7.200 денари колку што е повратот за поединец, ќе се покачи на 9.600 денари. Или од 600 денари месечно на 800 денари месечно. Тука нема да застанеме затоа што тоа дава резултат. Се броиме против сивата економија и му помагаме на нашиот народ. Сите овие проекти беа опструирани од опозицијата. Кога ја зголемувавме минималната плата се закануваа дека граѓаните ќе останат без работа, дека ќе затворат фабриките, порача Заев.

Тој наглади дека денес ги исполнивме стратешките цели и сега партиите не може да ветуваат НАТО и ЕУ.

– Тоа е завршена работа од нас. И зошто 12 години во време на режимот ова не се случуваше? Затоа што сите се грижеа за себе и нивната партија, наместо за народот и државата, порача Заев.

На трибината пред присутните се обратија и кандидатите за пратеници Бејџан Иљаз од ДПТ и Драгољуб Филиписоки и Фаница Николовска.

[embedded content]

Back to top button
Close