Заев: Не се грижете за поскапување – ние сме тука ќе помогнеме

Со државните резерви секогаш сме подготвени да интервенираме доколку забележиме некој циклус да покажува пикови, со што би имало рефлексија врз севкупната економија и врз цените на одредени базични производи, рече денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за најавениот раст на инфлацијата.

-Финансиски сме стабилни и секогаш сме подготвени, согласно праксата дома, но и праксата во европските земји со нашиот заеднички пазар со Европската Унија, навремено да дејствуваме, рече Заев.

Тој посочи дека државата веќе развила многу механизми и алатки за помагање. Дел, како што рече, веќе се реализирани, а тоа е намалување на ДДВ за електрична енергија како главен импакт на цената на чинење на производство на одредени производи.

-Во такви околности истовремено се преземаат други дејствија, односно сите наши потенцијали и капацитети за производство на дополнителни количини на електрична енергија да ги ставиме во погон. Апелиравме до деловните комори да ги анимираат сите деловни луѓе, компании кои што можат да придонесат во обезбедување и набавка на нови дополнителни количини јаглен надвор од државата, затоа што домашните ресурси ги користиме максимум, се со конечна цел да имаме дополнително производство на електрична енергија, рече Заев.

Тој истакна дека ќе се обезбеди поевтино производство на електрична енергија, која, наведе, прво е гарант за домаќинствата, второ, ќе биде алатка за помош на јавните институции и трето, ќе биде алатка за помош на стопанството.

Back to top button
Close