Заев: Нема да имаме врзани потписи со Артан Груби
Нема да има врзани потписи меѓу премиерот и првиот вицепремиер, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по состанокот на Централниот одбор на партијата, демантирајќи ги информациите што денеска се појавија во повеќе медиуми.
-Прв вицепремиер значи оној што го менува премиерот кога е отсутен за прием на делегација и слично, нема врзани потписи. Ова е за подобра координација меѓу двете партии со цел ефикасни одлуки. Прв вицепремиер е за да дадеме важност на функцијата – појасни Заев.
Прашан што ќе се случува со досегашните членови на Владата кои нема да бидат дел од идната Влада, Заев рече дека тие остануваат дел од тимот на СДСМ.
-Им се заблагодаривме на досегашните министри од СДСМ – Рената Десковска, Дамјан Манчевски, Горан Сугаревски и Едмонд Адеми, како и на Роберт Поповски. Важно е дека сите овие луѓе остануваат да бидат дел од тимот на СДСМ. Рената Десковска од 2013 г. е излезена од професијата на Правниот факултет и има желба да се врати, но секако ќе помага во функционирањето на новата извршна власт, има драгоцено искуство – одговори Заев.