Заев: Никој не смее да преговара под уцени

Претседателот на СДСМ Зоран Заев очекува дека на претстојните избори ќе добијат голема поддршка која, како што рече, ќе ни даде можност да избереме врз основа на принципи, на вредности, со кои ќе влеземе во коалиција.

-Бројките кажуваат дека сами можеме да оформиме парламентарно мнозинство. Широка, најголема, најбројна и мултиетничка комплетна коалиција со која настапуваме. Но, секако, ќе избереме една од политичките партии да влезе во коалициската влада и во парламентарното мнозинство, во зависност од тие вредности и принципи. Секако тоа ќе биде една албанска партија, дали ќе биде ДПА, Алијанса, Алтерантива или шесте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Ние парламентарното мнозинство ќе го обезбедиме, рече Заев. Додаде дека ако ДУИ се откаже од уцени и услови кои ги прават е подготвен да разговара. Смета дека добро е ДУИ да помине во опозиција.

Заев, во вечерашниот дуел на ТВ 24 со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека би разговарал со ДУИ за формирање влада по изборите ако се откаже од условот нивниот кандидат Насер Зибери да биде премиер.

-Уцената дека ДУИ ќе влезе во влада со таков услов не смееме да ја дозволиме. Прво граѓаните се единствени кои ќе одлучат со својот глас кој ќе биде иден премиер, СДСМ ќе има најголем број на пратеници, секако верувам дека можеме да дојдеме и до 60 и повеќе пратеници, рече Заев, кој посочи дека нема проблем со етничката припадност.

Заев рече и дека е  спремен да му отстапи13 пратеници на Мицкоски за да формира малцинска влада или ќе барам од него да отстапи шест за тие да формираат малцинска влада. – Никој не смее да преговара под уцени, порача Заев.

Според Мицкоски,  математиката на Заев е лоша бидејќи, посочи,  на неговата коалиција би и фалеле еден или двајца пратеници, ане 13  за мнозинство во Собранието.

Заев најави дека се насочени на позитивна кампања, промоција на економски раст, поголеми примања на граѓаните, инвестиции во државата, отворање нови работни места, квалитетен живот за сите, водење на еколошка држава…

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека идната влада ќе ја раководи ВМРО-ДПМНЕ, ќе има реален раст на просечната плата, на пензиите, вистински инвестициски бум, најави дека во првите 100 дена ќе донесат три сериозни големи компании, а имињата не ги соопшти. Појасни дека ќе прават коалиција со сите оние ќе им бидат компатибилни во нивната програма, кои ќе ја прифатат програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски рече дека граѓаните одлучуваат кој ќе биде мандатар со тоа што ќе го дадат својот глас на избори и оти тоа не се договара на маса. мд/лв/

Back to top button
Close