Заев од Кичево: Да не дозволиме во советите да се пресликаат блокадите на ВМРО-ДПМНЕ од Собранието

Според лидерот на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ нуди стари, потрошени кадри на Груевски, меѓу кои има и осудени лица и лица против кои се водат судски постапки

Освен за кандидатите за градоначалници, граѓаните да гласаат и за листите за советници на СДСМ,повика денеска партискиот лидер Зоран Заев, на предизборен собир во Кичево, посочувајќи дека не треба да се дозволи во советите на општините да се пресликаат блокадите на ВМРО-ДПМНЕ од Собранието.

„Развојот и напредокот на општините зависи и од локалните совети. Да не дозволиме во советите да ни се пресликаат блокадите на ВМРО-ДПМНЕ кои ги гледаме во Собранието. Затоа в недела потребно е да ги поддржиме советничките листи на СДСМ и коалицијата, советничките листи кои ќе реализираат, а нема да блокираат проекти“, рече Заев.

Според него, на претпоследниот ден од кампањата сосема е јасна разликата на понудите.

„СДСМ и коалицијата на овие избори ја имаат најдобрата кадровска и програмска понуда за секоја општина. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ нуди стари, потрошени кадри на Груевски, меѓу кои има и осудени лица и лица против кои се водат судски постапки. Ние нудиме издржани проекти, проектирани според реални состојби, во рамките на буџетите на соодветните општини, со реални рокови и реален план. Кај нив, ќе видите нереални и неостварливи проекти, со цел еднократно да ги измамат гласачите, без при тоа да водат сметка за буџети или реални проекции.
Додека ние решававме децениски проблеми, тие ги создаваа и комплицираа. Додека ние инвестиравме во општините и граѓаните, тие се противеа на секоја мерка што значеше повеќе пари во семејствата“,оцени Заев.

Back to top button
Close