Заев од Охрид: Нова македонска развојна економија – лекција за Мицкоски, но и за регионот

Охрид, 25 јуни 2020 (МИА) – Нов концепт, со нова програма и над се нова македонска развојна економија. Ќе одржиме економски лекции и на Мицкоски и на неговите економски кадри, но и лекции на регионот. Затоа што имаме потенцијал, одлична географска поставеност, работлив народ, луѓе кои не се штедат само бараат фер-шанса чесно да заработат. Но и затоа што сега имаме пријатели, а не непријатели, и затоа што не почитува целиот свет. Затоа ќе успееме, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев на предизборната трибина одржана вечерва во Охрид.

Презентирајќи ја економската програма на коалицијата предводена од СДСМ на престојните предвремени парламентарни избори, Заев рече дека таа нуди реална можност за освојување 80 отсто од поглавјата за членество во ЕУ.

– Европеизацијата значи екологија, значи правда, значи подобро здравство, подобра социјална заштита, значи подобра економија, култура. Затоа тежнееме кон Европа. Затоа носевме храбри одлуки…Секое поглавје значи нови фондови, секој кластер од поглавјата значи рамноправност во трошењето европски пари. Затоа со СДСМ за четири години 80 отсто од отворање на фондовите на ЕУ, за шест години ќе бидеме членка на ЕУ, рече тој.

Лидерот на СДСМ ја нагласи одлучноста на партијата да гради фер општество за сите, дури и во време кога се решаваа најтешките прашања во историјата на Македонија од осамостојувањето досега, и тоа како што истакна „без калкулации, без криење“.

– Влеговме во костец со проблемот, го решивме и отворивме фронтот за развој, и на земјата и на народот им оставивме перспектива за напредок. Членството во НАТО значи целовитост и територијален интегритет, стабилност на границите и испорачуваме стаболност во регионот. Имаме држава признаена во целиот свет, во која живеат доминантно Македонци со признаен идентите, кои зборуваат македонски јазик. Носевме одлуки без било какви калкулации. Сега останува на граѓаните да носат одлуки, ќе се враќаме во „обновата“, „преродбата“ на режимот или ќе одиме напред, кон евроатлантската пeрспектива, де живееме со европските стандард, да си ја европеизираме државата или повторно ќе влеземе во кавги меѓусебе и со соседите, рече Заев.

Лидерот на СДСМ се осврна и реализираното од партијата во изминатите три и пол годни на власт, дека наспроти опозицијата која покачува плати и пензии само пред избори, Владата предводена од СДСМ тоа го правела постојано, покачувајќи  ги платите и пензиите за пет, 10, 15, 25, па и 40 проценти.

– Ние ги покачуваме во континуитет не пред избори, секогаш кога можевме, затоа што тоасе ваши пари. Сега парите не одат во стиропор, не одат во музеи и споменици, одат во живи луѓе. Ги пуштивме парите назад кон граѓаните, рече Заев.

Лидерот на СДСМ укажа и на вложувањата на локалната и централната власт во Охрид во последните три години, споредувајќи го направеното со она во време кога и локлната и централната власт беше кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Една милијарда денари директна помош кон Охрид, преку „Проаква“ и Колекторот. Шеф на опозиција бев, ги молев одовде од плоштадот во Охрид, помогнете му на Охрид, опозицијата стои зад вас, ослободете ги сметките, пуштете им пари. Воопшто не им беше грижа, нивен градоначалник, нивна централна власт. Ние се гордееме со тоа што сме го сработиле со Охрид, да не ги повторувам сите други капитални зданија и проекти што  ги завршивме заедно и централната и локалната власт и затоа сме денес овде исправени и среќни чекајќи поддршка и барајќи глас од охриѓани да дадат поддршка да продолжиме, посочи Заев.

Тој ги повика граѓаните на Охрид да изберат на 15 јули, своите гласови да ги дадат за инвестиции во луѓе, не во споменици, инвестиции во природните реткоски и убавини, а не во фасади, стиропор, инвестиции во младите, во иднината…

– Лесно е да се избере, определбата треба да е јасна како бел ден, за извесна иднина на државата, избор за сигурност, не за опаснот, за иднина, за извесност, а не за ризик. Гласање за Охрид, гласање за сите нас, рече лидерот на СДСМ.

Пред Охриѓани свои обраќања имаа и носителот на Листата на Коалицијата на СДСМ за 5 Изборна единица Радмила Шекеринска, како и кандидатот за пратеник од Охрид Лазе Танески.

Back to top button
Close