Заев од Тетово: Мицкоски ветува нова иднина, а заглавен е во минатото
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва од предизборната трибина во Тетово рече дека опозицијата ветува нова иднина, а постојано се во рововите на минатото. Тој рече дека кај ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски нема ништо ново освен лажни вести, лицемерие, деструкции и обиди да се врати режимот за да глумат локални шерифи.
„За пусти пари и власт влегоа дури и во брак со Алијанса за Албанците. Во ноември гледајте развод на бракот… Народот не пие нафта, народот живее на оваа територија и знае. Вмровците нема да гласаат за Алијанса, ниту пак Алијанса ќе гласа за ВМРО-ДПМНЕ. ‘Чиста Македонија’ и ‘Македонци варвари’ не одат заедно. Затоа ќе останат во опозиција и заробени во минатото – рече Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Тетово.
Тој рече дека приоритет им се заложбите за држава без кал, со здрава животна средина и чист воздух.
„Градиме современа инфраструктура во секоја општина, секој град и секое село. Ќе продолжат инвестициите во атмосферската канализација, како и реконструкциите на улиците во опшните, велосипедските патеки и поддршката за инфраструкурата за развој на алтернативниот туризам – рече Заев.
Тој додаде дека комуналната инфраструктура ќе остане во фокус, а општините ќе ги зајакнуваат капацитетите на јавните претпријатија со цел обезбедување на подобри услови за граѓаните.
„Носиме водовод и канализација во секое населено место – асфалт наместо кал, чиста наместо загадена вода, хигиена наместо ѓубре, услуги за граѓаните наместо злоупотреба на нивните пари. Тоа е понудата пред граѓаните и на Тетово и пред граѓаните на секоја општина – рече Заев.
Тој вети дека Попова Шапка ќе ја направат модерна скијачка дестинација по сите европски стандарди.
„Еден од најголемите проекти во следниот мандатен период во Тетово е скијачкиот центар Попова Шапка вреден 100 милиони евра. Ја имаме најуникатната дестинација во Европа, каде што подножјето е голем град, за разлика од европските скијачки центри каде што рурални населени места. Ќе се изгради комплетен скијачки центар со хотели од три меѓународни ланци, на чело со Кемпински – рече Заев.
Тој додаде дека оваа инвестиција ќе ја прави најголемата европска компанија за скијачки центри, со која преговорите се во втора фаза и многу брзо се очекува тоа јавно да биде објавено.
Како следен поголем проект за Тетово, лидерот на СДСМ ја најави и регионалната депонија за полошкиот регион.