Заев пушти во сообраќај 23 километри од експресниот пат Штип – Радовиш

Првата делница од експресниот пат Штип-Радовиш во должина од 23 километри денеска е пуштена за сообраќај.

На делницата се изградени четири клучки: Штип -Југ, клучка Долани, Лакавица и клучка Бучим. Изведени се седум натпатници и потпатници, како и 11 мостови од кои еден е со должина од 322 метри. Коловозот е со ширина од 12,5 метри. Се очекува втората фаза од инвестицијата да заврши до септември 2022 година. Вкупната проектирана должина за комплетниот експресен пат ќе изнесува 40,46 километри, а вкупната вредност е околу 60 милиони евра.

– Во рок од три години, согласно предвидената динамика добивме завршен проект по сите европски правила за подигнување на нивото на безбедноста во сообраќајот и изградба на експресниот пат по најсовремените стандарди. Во последните 30 години ова е единствениот пат завршен пред предвидениот рок и верувам дека овој тренд на прецизност, висока професионалност и без никакви проектни и градежни отстапувања ќе се следи и во иднина – рече премиерот Зоран Заев на официјалното пуштање на делницата.

Министерот за транспорт Благој Бочварски рече дека овој експресен пат е пример како се гради квалитетно и навремено.Тој информира и дека интензивно се работи и на изградба на втората фаза од експресниот пат делниците од клучка Три чешми до Штип-Југ како и делница од Бучим до Радовиш.

– Очекуваме оваа делница комплетно да биде завршена до средината на следната година. Овој експресен пат е дел од државната А4 рута, започнувајќи од Граничен премин Блаце, преку обиколницата Скопје и новиот автопат до Штип, и преку овој експресен пат се поврзуваме со соседна Бугарија. На тој начин добиваме брза патна врска по целиот Југоисточен регион – рече Бочварски.

Шефот на Европската банка за обнова и развој за Северна Македонија, Анри Аранитаси информира дека Банката обезбедила кредит од 64 милиони евра на ЈП за државни патишта за финансирање на подобрувањето на 39 километри од националниот пат А4. Зафатот, како што посочи, вклучи реконтрукција и проширување на веќе постоечкиот пат со цел да обезбеди две коловозни ленти со широчина од 3,5 метри, како и ленти за застанување со широчина од 2,2 метри.

– Банката активно работи на озбезбедување финансиска поддршка за проекти за новите патишта, како проектите Кичево – Букојчани, дел од коридорот 8 и автопатот Скопје – Блаце – рече Аранитаси.

Back to top button
Close