Заев: Разгледуваме нови мерки, со синдикатот и коморите ќе го дизајнираме петтиот пакет

До крајот на годинава и почетокот на јануари разгледуваме и нови мерки.  Она што ќе биде договорено со синдикатите и коморите, како и претходно што беше, ќе го дизајнира петтиот пакет.  Ако коморите и работниците кажат дека мерката е добра ние ќе ја поддржиме, ако предложат нови мерки кои се издржани, ќе излеземе во пресрет. Важно е да се дискутира со нив за да помогнеме во надминување на кризата, изјави премиерот Зоран Заев вечерва во „Економски магазин“ на ТВ Алсат.

Во време на пандемија, наведе, успеавме да направиме четири пакети со економски мерки и сите  анализи покажуваат дека со мерките се зачувуваат работни места и се помага на раналивите катогории граѓани.  -Ова е период во кој си помагаме едни на други за полесно да ја поминеме оваа фаза. И со четвртиот пакет мерки постигнавме солидни резултати, дури 58 000 работници ја користат мерката за минимална плата, за три месеци тоа се 170 000 плати. Почна и исплатата по 6.000 денари директно на сметката на граѓаните, рече Заев.

Тој истакна дека социјалниот дијалог е исклучително важен во овој период и оти Владата покажува слух за постојана соработка со работниците преку нивните синдикати и со бизнисмените преку нивните комори.

-Врз основа на социјалниот дијалог ги решавме сите ситуации. Не може ние да помагаме, а компаниите да испуштат работници, затоа реков социјалниот дијалог е важен. Покрај фирмите и синдикатите се во тој дијалог. Ние решаваме случај по случај само за да може секој до последен да ги искористи мерките на Владата, ако ги исполнува условите. Затоа и многу пати посредуваме административно за секој што има некаква пречка да ја надмине за да може да се пријави за некоја од мерките, значи имаме разбирање за сите, наведе премиерот Заев.

Во однос на регистрацијата на автомобилите со странски таблички премиерот рече дека сопствениците на таквите возила, коишто влегле во државава до 1 октомври ќе имаат можност да ги регистрираат со 50 проценти поевтин данок на моторни возила, односно вкупниот износ на царината и акцизата.

Оние пак, коишто таквото возило нема да го префрлат на македонски таблички, ќе треба да постапат според европските закони. -Тоа значи три месеци тука, најмалку три месеци надвор колата. Па три месеци тука, па три месеци надвор колата. Тоа денеска се следи со електронските системи на МВР. Пресекот го правиме на 1 октомври, рече Заев.

Во легализацијата на марихуаната  гледа можност за сериозен економски потенцијал на државата и за успех во борбата против употреба на тешките наркотици.  Не дава ветување за донесување на законот, и како што вели, пратениците ќе го слушаат гласот на народот. При евентуалната примена на законот, најпрвин би почнал да се применува на определени подрачја на државата.

-Прво ќе биде во туристичките центри. Јас ги спомнав: Охрид, Струга, Ресен, Дојран, Маврово, Берово, но и Скопје е голем туристички центар…во едни такви околности би можеле да одиме прво со кафетериите, потоа би можеле да го легализираме и секаде, под исполнети услови, но и тоа ќе зависи од дебатата. Граѓаните може да одлучат да не се дозволи, може да се дозволи делумно…Јас би одел чекор по чекор за да бидеме повнимателни, рече Заев.

Back to top button
Close