Заев-Сахакјан: Јакне партнерството со УНДП

Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Нарине Сахакјан, со која заеднички ја оценија досегашната соработка како успешна и разменија мислење за тековните активности и остварување на трансформациски промени во креирањето на јавните политики.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, било разговарано за тековните и идните активности на УНДП, со фокус на главните предизвици на локалниот развој и Проектот за финансирање на изработка на техничка документација во области како хидротехнички проекти, системи за дистрибуција на гас, јавни објекти, бизнис и индустриски и други инфраструктурни проект.

Била истакната поддршката од УНДП во изработката на Националната стратегија за развој на земјата, при што е констатирано дека продолжува имплементацијата на Рамката за соработка на одржлив развој на Обединетите нации во насока на постигнување на целите за одржлив развој и Агендата 2030 на ОН.

– Беше поздравена меѓусебната соработка и отвореноста на Владата за унапредување на соработката, особено во проекти за побрз и одржлив развој на економијата, како и инвестирање на капитални проекти кои го подобруваат животот на граѓаните во општините, информираат од Владата.

На средбата станало збор и за отпочнување со работа на лабораторијата за акцелерација кон крајот на идниот месец. Лабораторијата е основана од Канцеларијата на УНДП со цел приклучување на најбрзата и најголема светска мрежа за учење за предизвиците и целите на одржливиот развој.
– Со станување на членка на мрежата од 90 лаборатории, кои опфаќаат 114 земји, Северна Македонија ќе има увид во сите информации на УНДП во обезбедувањето решенија за постигнување на целите на одржливиот развој до 2030 година, се наведува во соопштението од Владата.

Back to top button
Close