Заев: Шансите за тргање на бугарската блокада ќе се зголемат по изборите во двете земји

Сметам дека 50 проценти од шансите за тргање на блокадата ќе се зголемат по изборите. И во Бугарија и во Северна Македонија имаме избори. Политичарите се многу специфични, меѓутоа ние продолжуваме со разговорите, имаме теми пред двете страни и постои решение, изјави премиерот Зоран Заев на отворањето на Самитот за Западен Балкан на „Економист“, што се одржува хибридно денеска во Скопје.

Решението меѓу Северна Македонија и Бугарија, нагласи Заев, ќе биде силна порака за охрабрување за целиот Западен Балкан, бидејќи се што се случува во Црна Гора, Косово или било каде, има влијание врз сите други.

–  Верувам дека постои решение и имам искуство во изнаоѓање многу решенија во изминатите четири години. Лично верувам дека до крајот на оваа година е можно решение, изјави Заев.

Одговарајќи на прашање од регионалниот директор на „Економист“ за Европа Џоан Хоеј, за бугарското вето и дали добиле уверувања од ЕУ дека јазикот и историјата нема да бидат предмет на преговори, Заев рече дека по тоа прашање ЕУ ја потврдила важноста и вредноста дека и отворените прашања се билатерални прашања меѓу нас и Бугарија, и имајќи го на ум нашиот идентитет и јазик и ЕУ е многу јасна и прецизна по тоа прашање.

– Секој има право на самоопределување и тоа е многу добро. Се разбира, неодамна видов и многу позитивни сигнали од Бугарија. Тие го разбираат тоа и кога зборуваме едни со други, дури и заедно на прес-конференции тие велат македонски јазик и македонски луѓе, меѓутоа официјално не го признаваат и се надевам дека и тоа ќе го решиме набрзо, изјави Заев.

Разбирам, рече премиерот, зошто политичарите не може да ветат  решенија, на пример до крајот на годината, затоа што во меѓувреме се случуваат избори.

–   Но, продолжуваме да работиме. Продолжуваме по нашиот пат, прво со пријателство, преку кое што ќе добиеме многу. И двете земји сме членки на НАТО, а минатата година ЕУ донесе одлука за почеток на преговорите. Ние сме горди со се што се случува и покрај тоа што имаше пандемија, изјави Заев

Back to top button
Close