Заев со сведочењето ја изненади одбраната во „27 април“: Очекуваме повлекување на обвинението

Одбраната во случајот „Организаторите на 27 април“ се изненадила од денешното сведочење на премиерот Зоран Заев кој рече дека смета оти бившиот собраниски спикер Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, не се главните организатори на настаните од „крвавиот четврток“.

Сега, очекува обвинението да „падне“ односно да се повлече.

Еленко Миланов, адвокат

„Ако првиот човек на државата во изминатите 4 години како премиер со пристап до сите безбедносни информации каже дека организатори за настаните од 27 април 2017 во Собранието сигурно не се Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Трајко Вељаноски мислам дека е сосема релевантна информација која може да се земе предвид и ова обвинение треба во таа насока и да оди односно истото да биде повлечено“,изјави адвокатот Еленко Миланов кој е бранител на Вељаноски, Ристовски и Јанакиески.

Тој вели дека како одбрана се изненадиле, со оглед на тоа што претходно немале комуникација со Заев иако тој сведочеше по нивен предлог.

„Иако е сведок на одбраната, немавме пристап и можност за распит да што било договараме околу одговорите така што и ние бевме изненадени од неговиот исказ, но сепак искреноста е добредојдена“,рече Миланов.

За разлика од него, обвинителката Вилма Русковска, пак, рече дека после толку години во судница ретко нешто може да ја изненади, а порака и дека Заев го повикале како сведок, а не како вешто лице за да дава мислење. Исто така, посочи дека не се сложува со него и оти премиерот не понудил никакви докази.

Извор:360 stepeni.mk

 

Back to top button
Close