Заев: ТЕЦ „Осломеј“ ќе биде првата енергетска транзиција на електрана на јаглен во капацитет за чиста енергија во регионот
Нашата цел е да обезбедиме чиста животна средина за нашите деца и за идните поколенија. На местата на некогашните загадувачи, денес градиме капацитети за производство на чиста и зелена енергија. Поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ за неколку месеци треба да бидат покриени со 10 мегаватна фотоволтаична електрана. Вкупното годишно производство од оваа нова фотоволтаична електрана ќе изнесува 15-17 гигават часови, доволни за потребите на околу 2.800 домаќинства, истакна премиерот Зоран Заев.
Тој во придружба на раководството на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), ја посети локацијата на Термоелектраната во Осломеј во Кичево, каде во моментот интензивно се одвиваат градежните активности за изградбата на првата фотоволтаична електрана од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ.
– Со изградбата на оваа 10 мегаватна електрана се започнува со процесот на енергетска транзиција на РЕК „Осломеј“ и кичевскиот регион. ЕСМ во моментот работи на нова студија за уште една ваква електрана од 10 мегавати. Неодамна, во јуни се потпишаа и договорите за изградба на две фотонапонски електрани од по 50 мегавати со што комплетно 120 мегавати од Осломеј на јаглен ќе се заменат со 120 мегавати фотонапонски електрани. Ова е првата енергетска транзиција на електрана на јаглен во чиста енергија, во регионот, потенцира Заев.