Заев ветува продолжување по вистинскиот пат, Мицкоски чесност и исполнување на изборните ветувања

Лидерите на владејачката СДСМ Зоран Заев и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во првото телевизиско соочување во изборната кампања побараа поддршка од граѓаните,  првиот а да се продлолжи по вистинскиот пат, а вториот за да се поддржи чесност и исполнување на ветувањата.

-Изборите на 15 јули навистина ќе определат дали ќе продолжиме по вистинскиот пат во услови во кои што заедно јас, СДСМ, коалцијата и вие пред се граѓаните докажавме дека можеме. Можеме да ги решиме големите историски прашања за нашата земја и таа да продолжи да оди напред, да биде интегрирана, да биде членка на НАТО, да почне преговори со ЕУ, порача Заев во обраќање до гласачите во дуелот  на ТВ 24 со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

Докажавме, наведе Заев, дека во услови на решавање на најголемите крупни прашања ја кренавме економијата од депресија, комплетна рецесија, -1,8 проценти, комплетно во раст и развој со 3,6 проценти. Докажавме дека има пари за повисоки плати и за повисоки пензии Во следниот период ќе има уште поголеми плати, уште повисоки пензии, доволно работни места, квалитетни работни места за граѓаните, за да може да ги привлечеме овде да одтанат сите и млади и повозрасни, зашто тоа е нашата Македонија, тоа е нашата иднина, дома да бидеме продуктивни, порача Заев.

Апелира до граѓаните да гласаат за бројот 3 и за коалцијата Можеме за да, нагласи, продолжиме по вистинскиот пат, по правиот единствениот пат, кој гарантира извесна иднина.

Според Мицкоски, претстојните избори ќе одлучат, како што рече, за иднината на нашата на вашата Македонија, а неговата коалиција е победничка.

– Ова се избори на коишто вие треба гласно  да зборувате за сета неправда за сите измами за сиот криминал за сета корупција за овие луи витон куферчиња за трас-трас судските одлуки или пак да поддржите чесност и честитост. Ова се избори во коишто вие треба гласно да изберете во каква Македонија сакате да живеете. Јас лично како човек стојам, со својот интегритет, чест, образ да гарантирам дека сето она што ќе го прочитате во оние 360 страници наша читанка наречена проект Обнова ќе биде реализирано од првата буква, од првиот пасус, до последната точка во последниот пасус. Затоа ве повикувам на 15 јули масовно да излезете од седум часот завршувајќи до 21 часот да го заокружиме бројот 14 пред победничката коалиција која ја предводи ВМРО- ДПМНЕ, порача Мицкоски.

Back to top button
Close