Заев: Вицепремиерот за борба против корупција ќе ги координира институциите за поголема ефикасност
– Надлежностите на институциите остануваат, но нивната координација е клучна за да биде поголем ефектот во борбата против криминалот и корупцијата. Вака лидерот на СДСМ и иден премиер, Зоран Заев ја образложи новата функција во идната влада – вицепремиер за борба против корупција, на која ќе биде назначен генералниор секретар на партијата, Љупчо Николовски.
Сега, рече Заев, оваа функција е замисла, но секако, ќе биде структурирана согласно одлука на владата со посебен опис и попис на надлежности.
За конкретно да ја објасни оваа позиција, Заев направи паралела со вицепремиерот за еконосмки прашања кој, како што рече, има координативна улога, обединувајќи повеќе ресори.
– Секоја институција си ја задржува надлежноста, но ако сакаме резултат мора успешно да се координираат процесите, истакна Заев.
Говорејќи за Николовски, Заев нагласи дека се работи за млад човек, правник, кој бил и министер и кој може да се постави во делот на превенција, укажување, етички кодекси и координирање институции, како се финансиска полиција, УЈП, инспекторати и МВР.
– Ако некој го координира нивното работење, ефикасноста ќе биде поголема. Тоа е и целта. Јавноста сака резултати и затоа исчекоруваме со вакво решение. Заради координативната улога сметаме дека ќе имаме уште поуспешна борба против криминалот и корупцијата, потенцира Заев.
На новинарско прашање дали со именувањето на Артан Груби за прв вицепремиер ќе бидат потребни законски измени, Заев нагласи дека нема да има никакви промени на законите за владата.
– Прв вицепремиер значи некој кој го менува Заев кога е отсутен за водењето седница или прием на делегација и слично. Се знае дека премиерот потпишува, нема никакви врзани потписи. Секако во идната влада планирам да имам четири вицепремиери, од кои тројца на предлог на СДСМ и еден од ДУИ, кој ќе биде именуван за прв вицепремиер. Ова, меѓу другото, е заради подобра координација меѓу двете политички партии во делот на преземањето на одговорноста, со цел ефикасно донесување одлуки. Именувањето прв вицепремиер е и за да дадеме важност. Се работи за кадар кој ќе го води и министерството за политички систем, објасни Заев.
Во однос на кадровските решенија за надворешни работи, сега, во време на отворање на поглавјата, според Заев, треба заеднички да се работи, но големата одговорност треба да ја понесе СДСМ и затоа Никола Димитров ќе биде вицепремиер за европски прашања, а Бујар Османи ќе раководи со МНР.