Заев: ВМРО-ДПМНЕ е дел од амбиентот на фалично информирање
Премиерот апелира до, како што вели, дезинформаторите да преземат одговорност пред сопствениот народ и да престанат да шират страв, паника и лаги
Премиерот Зоран Заев, во статус на фејсбук, ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека е сериозен дел од амбиентот на фалично информирање, што, како што оценува, е штетно за државата.
Заев апелира до, како што вели, дезинформаторите да преземат одговорност пред сопствениот народ и да престанат да шират страв, паника и лаги.
„Сериозен дел од амбиентот на фалично информирање се политичките изјави од најголемата опозициска партија кои сѐ почесто се демантирани од држави и влади од ЕУ и од демократскиот свет. Ваквото однесување на опозицијата и на кој било друг извор на дезинформирање е штетно за македонските граѓани и опасно за државата. Затоа, ги повикувам дезинформаторите да преземат одговорност пред сопствениот народ и да престанат да шират страв, паника и лаги! Како општество мораме да создаваме механизми на заштита од пандемијата на лажни вести и дезинформации, особено во овие месеци кога се шират невистини за вакцините и пандемијата“,
напиша Заев.
Битката против дезинформации е една од точките во „Акција 21“ – планот со 10 клучни приоритети на Владата за следната година.