Заев: Во ИЕ 6 ќе ги победиме ДУИ и после тоа оваа партија ќе треба да се реформира

Нам ни беше тешко изминативе години со ДУИ, тие се долго време на власт, 17 години го прават своето, станале моќни, и добро е ДУИ да се реформира откако ќе замине во опозиција, добро е за нив, добро е за државата, добро е да се реформира и ВМРО-ДПМНЕ, порача претседателот на СДСМ и носител во изборната единица четири Зоран Заев во гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

– Едно општество за сите е наш концепт и свесен сум дека  на луѓето им треба време, и на Македонците и на Албанците. Ова е прва мултиетничка коалиција, 32 партии застанавме зад кандидатурата на Стево Пендаровски и еве продолжуваме да растеме, како партии и како коалиција. За мене е успех ако ДУИ и Алијансата ги победиме во шестата изборна единица, нашите проекции се дека ќе имаме 6 или 7 пратеници, за разлика од нив кои ќе имаат до 5, затоа што целат само Албанци, а ВМРО ДПМНЕ може да има 2 до 3 пратеници во шестката затоа што одат само на македонските гласови. Јас одамна му кажав на Мицкоски дека ќе губат се додека продолжуваат со ваквата деструктивна политика, посочи Заев.

Тој потенцираше дека овие избори и оваа изборна кампања се поинакви, затоа што, како што рече, нема повеќе ветувања дека ќе бидеме дел од НАТО и ЕУ, тоа е завршена работа.

– Дел сме од НАТО, 30 членка сме, почнуваме и преговори со ЕУ. Со соседите сега сме пријатели и очекуваме нивна поддршка во идните процеси, ние надвор ги завршивме работите, сега натпреварот ќе биде што ќе направиме дома. Сега нема Албанци, Бугарија, Грција, НАТО, сега дома ќе работиме на економијата. Фокусот го ставаме на домашните реформи, порача Заев, додавајќи дека во следните четири години, СДСМ и новата Влада ќе покажат дека можaт уште повеќе и уште подобро.

Back to top button
Close