Заев во завршно обраќање пред вториот круг: Излезете и потврдете дека општините ќе продолжат напред

Тој вели дека концептот што го суди СДСМ се инвестиции во локални проекти, на поголеми плати и пензии, додека другиот е тој на опозицијата ВМРО-ДПМНЕ, сега и официјално поддржан од Левица, кој носи поделби, омраза, меѓуетнички тензии и грабеж на народни пари

Повик за граѓаните да излезат да гласаат во вториот круг од изборите и да ги поддржат кандидатите на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, испрати лидерот на социјалдемократите во завршното обраќање во пресрет на изборниот молк кој ќе стапи на сила вечер на полноќ.

„Во недела кога сте сами зад параваните на гласачките места донесете ја најдобрата одлука за вас, за вашето семејство, за вашата општина, за вашата држава. Изберете го концептот кој гарантира повисоки плати и пензии, нови инвестиции, кој гарантира стабилност и подобар економски стандард за сите. Заокружете го бројот 12! Потврдете дека нашите општини, нашата заедничка татковина продолжуваат по исправниот пат“, повика Заев.

Тој вели дека концептот кој го суди СДСМ се инвестиции во локални проекти, на поголеми плати и пензии, додека другиот е тој на опозицијата ВМРО-ДПМНЕ, сега и официјално поддржан од Левица, кој носи поделби, омраза, меѓуетнички тензии и грабеж на народни пари.

„На едната страна ние, обединети прогресивни и демократски сили, подготвени да водат напред, на другата страна стари режимски кадри кои сакаат да ги вратат државата и општините назад. Видовме на што се спремни луѓето кои сакаат да го вратат режимот. Уште првиот ден по изборите видовме закани, насилство и омраза. Видовме како ги лажат граѓаните. Тоа не смее и нема да биде наше секојдневие. Затоа е потребно обединување. Секој поединец мора да даде свој придонес во одлуката да продолжиме напред со развиени општини, со стабилна држава, со еднакво општество за сите“, вели Заев во завршното обраќање.

Back to top button
Close