Заев за годишнината од посетата на Ципрас: Договорот од Преспа дополнително ги заштити нашиот македонски идентитет, култура и посебноста на македонскиот јазик

 Благодарение на заедничкиот дипломатски подвиг, на денешен ден во 2019 година во историска посета на Република Северна Македонија 🇲🇰 дојде Алексис Ципрас, како прв премиер од Грција 🇬🇷 кој ја посетил државата.
Со потпишувањето на Договорот од Преспа ги премостивме речиси тридецениските разлики како два соседа и ставивме крај на тензиите меѓу нашите земји и воспоставивме ново стратешко партнерство, објави вечерва на Фејсбук премиерот Зоран Заев.
Тој потенцира дека со оваа историска спогодба коренито се промени перспективата на евроатлантските интеграции на Северна Македонија и од патник на слеп колосек денес нашата држава е полноправна членка на НАТО и посакуван партнер во Европската Унија.
-Како дел од семејството на НАТО, Северна Македонија ги споделува демократските вредности и начелата на солидарност со останатите членки, а Грција се грижи за безбедноста на нашето небо, напиша Заев.
Потенцира дека Договорот од Преспа во правни рамки дополнително го заштити нашиот македонски идентитет и култура, како и посебноста на македонскиот јазик, којшто е темел на нашата самобитноста и автохтоноста на нацијата.
-Духот на Преспанскиот договор втемелен на взаемно почитување и соработка е препознаен како позитивен пример во меѓународната јавност, за што говорат бројните конференции, анализи и истражувања, како и престижни меѓународни награди кои во изминатиот период ни беа доделени мене и на поранешниот премиер Ципрас, истакна премиерот Заев во својата објава на Фејсбук.

Back to top button
Close