Заев: За жал нашето столче во ЕУ сè уште не е поставено, зависи од Брисел и од Софија

Премиерот Зоран Заев вечерва на прославата од 80-годишнината од Денот на народното востание – 11 октомври се осврна на актелните политички проблеми со кои се соочува државата, откако не се случи долгоочекуваниот влез на Северна Македонија во ЕУ.

-Никој нема забелешки на нашите реформи. Напротив, препознаени се и пофалени. Покажавме капацитет дома постојано да ги имплементираме европските вредности. Овој развој на државата е неопходен пред сè за сите нас овде во Северна Македонија. За жал нашето столче во Европската Унија сè уште не е поставено. Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште стратешка цел. Дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека гледаат напред, исто како што македонскиот народ гледа напред. Тоа е европски поглед. Нашиот глас е силен и далеку се слуша кога укажуваме дека секое натамошно одложување на почетокот на преговорите ги потхранува и храбри ретроградните сили во земјата и регионот. Укажуваме дека е опасно на тие сили, кои се противници на европското единство и европските вредности, да им се даде и најмала шанса, рече премиерот Зоран Заев на прославата во градот херој – Прилеп.

Тој нагласи дека денес нашата држава е ценет и посакуван партнер. Успешна приказна која започна да ја менува приказната на Балканот.

-Северна Македонија е препознаена и како инспиратор на еден нов Балкан. Балкан втемелен на пријателство и соработка, без предрасуди и анимозитети, достоен за 21-от век. Отворен Балкан на заедничката регионална политика и партнерство. Многу е важно да се биде дел од историјата што ќе се памети. Што ќе биде инспирација и ќе биде поттик за нови успеси за секоја идна генерација. Оваа генерација избра да ја обезбеди иднината на Северна Македонија како членка на НАТО и да ја оствари нашата следна стратешка цел –  да бидеме членка на ЕУ. Овие две стратешки определби се само логични чекори за создавање просперитетна иднина за сите наши граѓани и посебно за младите. Да ги стимулираат младите токму тука, во нашата земја, во својата општина, да градат своја, подобра и побогата иднина. Дома да ја реализираат сопствената економска благосостојба и напредок на личниот живот, но и да овозможиме квалитетен заеднички живот и социјална правда во нашето општество, рече Заев.

Тој, заради нашиот историски предизвик, ги повукува сите да го  дадат својот придонес .

-Сите заедно да оставиме длабоки траги на тој пат. За остварување на оваа цел имаме на кого да се угледаме, и тоа го правиме денеска кога се сеќаваме и им се поклонуваме на сите оние кои никогаш не се запрашаа за цената на слободата, правдата и социјалната еднаквост. На сите оние кои ни оставија аманет да се обединиме околу овие вредности и да ги надминеме поделбите. Да го зајакнеме заедништвото коешто како завет нѝ е оставено со Крушевскиот манифест, со народно-ослободителната антифашистичка војна и со АСНОМ, и со референдумот за независност, го заврши премиерот својот говор, уште еднаш упатувајќи честитка за празникот до сите граѓани на Република Северна Македонија.

Back to top button
Close