Загарите и орлите беа одговор на лагите на Мицкоски пред странците дека ДУИ ќе убие свој кандидат за градоначалник заради тензии, вели Арбер Адеми
„Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, му пратил порака преку човек на господинот Мицкоски да не се занимава со лажни информации, лажно известување на меѓународните центри, на нашите пријатели…“, вели потпретседателот на ДУИ (дел од НАИ) во интеврју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Во врска со текот на кампањата, очигледно е дека ДУИ кокетира со националните теми. И на вашиот промотивен собир повторно гледавме слики од ОНА, од УЧК. Мора ли сè уште да работите со тој сентимент?
Адеми: Не, не е дека ДУИ кокетира со овие национални теми. Ако ми дозволите и хронолошки ако сакате, ние можеме да ви докажеме дека премиерот е тој што почна со национални теми и провокации на етничка основа, пред и да започне кампањата. На еден национален медиум премиерот рече дека суштината на овие избори е ДУИ да исчезне од политичката сцена. И пред да почне кампањата и пред да ја организираме конвенцијата. На пример, ова е опасна идеолошка…
360°: Добро, и вие му одговарате со ОНА и со УЧК. Зошто?
Адеми: Па, тоа било реалност.
360°: Во ред е тоа и никој не може да го негира тоа, но зошто на локални избори, на митинг за локални избори треба да се појавуваат слики од ОНА?
Адеми: Господине Попетревски, според сето ова што се случува во нашава држава, во нашата заедничка татковина, овие локални избори не се само локални избори. Не поради нас, туку поради политичката опсесија на премиерот, што ја открива често пати пред јавноста, да ја контролира политичката сцена, албанската политичка сцена. На пример, и на неговата конвенција премиерот збореше за политичко пензионирање на претседателот Али Ахмети. И ова не е само негова лична желба, туку стратегија за слабеење, маргинализирање и контролирање на Албанците. Па потоа, на национален медиум и пред да започне кампањата рече дека суштината на овие избори е да исчезне ДУИ, што ја открива неговата желба, но и опасна политичка платформа за доминација врз Албанците и за контролирање на политичкото претставување на Албанците.
360°: Ако вие сте над таа ситуација, зошто има потреба господинот Ахмети да враќа со загари, со орли?
Адеми: Е сега, кога сме кај загарите и орлите, дозволете да ви кажам дека два дена пред одржување на промотивната конвенција, претседателот Ахмети му пратил порака преку човек на господинот Мицкоски да не се занимава со лажни информации, лажно известување на меѓународните центри, на нашите пријатели, меѓународни пријатели, дека ДУИ демек стои позади пожарите што се случија летово. Значи, гледаме дека ништо од тоа нема. Дека ДУИ стои позади пожарите што се случија во скопско, дека ДУИ планира да ја запали џамијата во Попова Шапка. Дури до тоа одеа каде што лажно информираат и известуваат дека ДУИ подготвува и убивање на некој свој кандидат за градоначалник за да се случат после етнички тензии, немири во Република Северна Македонија.
360°: Јас разбирам дека се избори…
Адеми: И тоа е пораката до премиерот, да не се служи со загари, да не се служи со гласини, и со други што лажно…
360°: Ова се сериозни наводи.
Адеми: Се е потврдено.
360°: Вие тврдите дека Мицкоски тоа им го кажува на претставници на меѓународната заедница?
Адеми: Да, и тоа го прави во континуитет. Па, ние година и пол се соочуваме со обвинувања од премиерот Мицкоски дека ДУИ подготвува дестабилизација. Дали имало дестабилизација досега? Но, ние ако велиме дека премиерот Мицкоски својата политика ја базира на опасна политичка платформа за спречување на обединувањето на Албанците и моќното, силно претставување, политичко претставување на Албанците, тоа не значи дестабилизација. Ние кога велиме дека столбовите на Охридскиот мировен договор ги рушат намерно и преку инструментализација на независни институции, како што е Уставниот суд, тоа не значи дестабилизација. Тоа е зборување и споделување на вистината пред целата јавност.
360°: Зошто нивото мора да оди дотаму, да речеме, вие да го обвинувате Мицкоски дека е албанофоб?
Адеми: Па,тоа се случи во реалноста. Тоа се презентира можеби камуфлирано, софистицирано, како ДУИ-фобија, па потоа како што рече премиерот, криминалофобија, но тоа во сушност е албанофобија, бидејќи сите одлуки преземени од оваа влада, од формирањето на оваа влада пред година и пол, преку непочитување на легитимитетот на волјата на Албанците… Знаете што, премиерот Мицкоски вели дека вие Албанците не смеете да одлучите за своите претставници. Иако одлучувате вие, сепак тие нема да бидат ваши претставници, бидејќи некој друг, а поточно тој, сака да определи кој од Албанците ќе седне на масата каде што се носат одлуки.
360°: Добро, ви враќа за 2016 и 2017 г. кога вие решивте со малцинскиот претставник на Македонците да правите влада.
Адеми: Па, не е така. Заштитните механизми се предвидени за немнозинските заедници, а не за мнозинската заедница.