Загреб блокиран од обожавателите на Томпсон


Главниот град на Хрватска, Загреб, втор ден по ред, е преполн со обожаватели на контроверзниот пејач Марко Перковиќ – Томпсон, кој вечерва ќе одржи концерт на Хиподром.

Досега 16 лица побарале медицинска помош поради алергии, гадење, дехидрација и прекумерна консумација на алкохол. Вкупно 44 лица се приведени – едно за нарушување на јавниот ред и мир, а 43 за пиротехнички средства. Конфискувани се 91 парче пиротехнички средства.

Обожавателите на Томпсон во Загреб се од синоќа. Организаторот на концертот соопшти дека се продадени 500.000 влезници.

Околу 6.500 полицајци се ангажирани за безбедноста, на терен има 200 медицински лица и организирани се 40 мобилни и 26 стационирани екипи. Во близина на Хиподромот, каде ќе се одржи концертот, формиран е медицински центар со 200 кревети.

За безбедноста на концертот ангажирани се 5.000 обезбедувачи, распоредени на 520 влезови. Противпожарната служба е во состојба на готовност.

Се очекува на концертот да присуствуваат и некои хрватски министри.

Томпсон стана популарен со националистичките песни во 90-тите години од минатиот век, за време на војната за независност на Хрватска. Неговите концерти се забранувани во повеќе држави поради глорификација на усташкиот режим во Хрватска за време на Втора светска војна.

Министерството за надворешни работи на Србија им препорача на граѓаните да не патуваат во Загреб поради концертот на Томпсон

Back to top button
Close