Загреб воведе систем на јавни велосипеди „Бајс“: 2000 велосипеди на 180 станици до крајот на октомври

Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашовиќ, заедно со своите заменици Даниел Доленец и Лука Корлает, денеска го означи почетокот на новиот систем на јавни велосипеди наречен „Бајс“.

Од денеска на граѓаните им се достапни 500 велосипеди распоредени на 40 станици, а до крајот на октомври се очекува нивниот број да порасне на 2.000 велосипеди на 180 локации низ градот. Планирана е и можност за додавање на уште 1.000 велосипеди во иднина.

Услугата е договорена за период од четири години и вклучува набавка и поставување на велосипедите, развој и одржување на мобилна апликација, систем за оператори и надзор, како и редовно одржување и полнење на станиците. Вкупната вредност на договорот изнесува 9,3 милиони евра плус ДДВ, што е приближно 64 евра месечно по велосипед. Системот е достапен 24 часа дневно, седум дена во неделата

„Специфичноста на ‘Бајс’ е што е замислен како дополнување на јавниот превоз, со поголем број станици и велосипеди, поголема достапност и покриеност“, изјави Томашовиќ. Тој додаде дека во секој момент најмалку 95 проценти од велосипедите мора да бидат функционални, а цената за користење е многу пристапна – возење до 30 минути чини 0,50 евра, додека месечната претплата изнесува 5 евра, а годишната 30 евра.

Станиците се распоредени долж линиите на јавниот превоз, во близина на училишта, спортски објекти и во густо населени градски четврти. Целта на проектот е да се намали користењето на автомобили, а со тоа и сообраќајниот метеж, емисиите на стакленички гасови, загадувањето на воздухот и бучавата.

Градот ќе ја субвенционира услугата од својот буџет, а во текот на првата година системот ќе се следи, анализира и, доколку е потребно, ќе се проширува.

Со воведувањето на „Бајс“, Загреб се придружува на европските метрополи кои веќе користат слични модели на јавни велосипеди. Граѓаните од денеска можат да се регистрираат преку веб-страницата bajs.zagreb.hr или преку мобилната апликација, да ја пронајдат најблиската станица и да управуваат со своите возења. Мапата со сите планирани 180 станици е достапна на официјалната веб-страница.

Back to top button
Close