Загребачки плесни ансамбл и домашни продукции вечерва на Танц Фест!

– Долг аплауз за „Меѓусвет“ на Рисимкин на синоќешниот 10-годишен јубилеј на Скопје танцовиот театар. Публиката со овации ја круниса прославата на една деценија љубов, страст, работа и борба за домашна современа танцова сцена која рамо до рамо стои до оние од светски ранг, се вели во соопштението на Танц фест.

Традиционално за Танц Фест, синоќа беа доделени и престижните награди „МЕНАДА за млад уметник“ на Матеа Киселичка и „МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцот“ на Каролин Карсон. Танц Фест Скопје 2021 оддаде почит и на легендата на македонскиот балет, Антон Тони Баталаков. Вечерта ја завршија премиерата на „Ѓаволска дупка“ на кореографот и танчер Дејан Битровски и танцовиот филм „Дома“ на Адријана Данчевска.

Денес од 14:30 часот, на сцената на Танц Фест 2021, ќе се одржи „Отворена програма“ во која учествуваат студијата „Анабела“ од Велес, уметнички директор и кореограф Цеца Пајдаковска, студио „Ултра“ од Куманово, со кореографии на Антонија Димитриева, „Анастасија центар“ од Битола, уметнички директор и кореограф Стефанија Милевска Враниќ, „Реверанс“ од Струмица, директор и кореограф Олгица Илиева, „Битрикс“ културно-уметнички центар од Скопје, уметнички директор и кореограф Ивана Балабанова, „Аква“ уметнички директор и кореограф Емилија Достинова.

Вечерната програма започнува во 21 часот, кога публиката ќе има можност да го проследи „ВИТРО“ – танцов филм зад чија кореографија и режија се потпишува Филип Петковски, на музика на Борис Харфман, Хрвоје Црниќ, Ерик Сати и Чајковски. Камера и фотографија се на Марко Марјановиќ, Тео Ангеловски и Жарко Чулиќ, а во филмот играат извонредните Мими Поп-Алексова, Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Матеа Јанковска и Филип Петковски. Инспириран од македонски ритуали и легенди кои ја опфаќаат природата, витро ги истражува живоста и трансформацијата како суштински аспекти кај движењето на човечкото тело и движење во природата.

Веднаш потоа, магија на сцена! „Ревел Ревел“ на шпанскиот кореограф Розе Лопез Еспиноза во изведба на Загребачки плесни ансамбл, Хрватска, под уметничко водство на Петра Глад Мажар, а во продукција и организација на Нина Крижан и Петра Валентиќ. Воздигнување до исцрпеност и влегување во потсвеста. Поминување низ огледалото. „Ревел Ревел“ ќе нè одвеведе на патување, во потрага по слободата да се биде она што навистина сме и битисувањето со другите. Потрага по конците коишто нè поврзуваат и врските што нè одржуваат. Зошто не е доволно да се остане во сопствениот балон? Затоа што кога ќе се осмелиме да бидеме заедно, без огрничувања, стануваме поголеми од самите себе.

За крај, во 22 часот, танцовата вечер ќе заврши со соло претставата за патот кон себе и кон природата, за нејзината убавина и рамнодушност кон човековите судбини на кореографот и танчер, Валентино Апстоловски, со сценарио и режија на Благој Мицевски -„НАЈЛОН“. Музиката и музичката илустрација се на Александар Димовски, видео и монтажа на Никола Марковски. Позади „НАЈЛОН“ се потпишува независна продукција, а се претставува парадоксот за светот со брз пристап до информации и исклучително едноставни комуникации, во кој вистински сме осамени. -Најлонот како прв синтетички изум од минатиот век ги спакува нашите срца и тела и го зароби нашиот дух. Стана синоним за човековата одвоеност од природата која ја уништува со својата неуништивост, велат од Танц фест.

Back to top button
Close