Захарова: Наводите за труење на Навални се информативен спин на Западот

Тврдењата за наводното труење на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални со токсин од отровна жаба се информативен спин од страна на Западот – рече портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, коментирајќи ги наводите што денеска ги изнесе МНР на Велика Британија.

„Кога ќе бидат достапни резултатите од тестовите и ќе бидат откриени формулите за супстанциите, ние ќе коментираме соодветно. Дотогаш, сите такви тврдења се само пропаганда насочена кон одвлекување на вниманието од итни прашања“рече Захарова.

Портпаролката на руското МНР рече дека темата за Навални повторно се отвора во време кога од западните земји се бара да ги презентираат резултатите од истрагата за гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“.

Британското Министерство за надворешни работи денеска објави дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е убиен со употреба на отров развиен од отровна жаба. Наводите следуваат откако Велика Британија анализираше примероци пронајдени во телото на Навални, кој почина во руски затвор на 16 февруари 2024 г.

Во обвинувањето на Велика Британија дека Русија е одговорна за труењето на починатиот руски опозициски лидер се придружија и Шведска, Франција, Холандија и Германија.

Back to top button
Close