Закани со бомби – комбинација од домашни и странски актери

Катерина Блажевска

Од октомври до март, поради дојави за бомби биле проверени 862 локации во Скопје, ангажирани над две и пол илјади полициски службеници и потрошени над 5 милиони денари, посочува министерот Спасовски во интервју за ДВ.

Од граѓанска иницијатива му поставија рок на МОН да го реши прашањето со дојавите за бомби во училиштата, а во спротивно се заканија со протест. Дали донесеното ново Упатство и Посебниот план за постапување, кои почнаа да се спроведуваат од минатата недала, ги дава првичните резултати? Одговор побаравме од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Оливер Спасовски: Иако на сите веќе им е јасно дека дојавите за бомби се лажни, факт е дека тие во ниеден момент не се третирани несериозно, напротив – МВР ги презема сите активности за да ја осигура безбедноста на граѓаните. Тоа вклучува, не само антитерористички проверки, туку и патролни служби кои се присутни околу училиштата, вршат проверки за експлозивни направи во комерцијални објекти и сл. Клучна појдовна точка при третирањето на која било пријава е безбедноста на објектот за кој се врши проверка, односно, колку оној што е одговорен за објектот, а тоа се главно агенции за обезбедување ангажирани од нив, се погрижил за безбедноста на граѓаните во истиот. За да ја намалиме штетата што овие закани се обидуваат да ја направат, и во делот на непречен наставен процес и во сегментот на што помалку трауматични доживувања од обидите да се повреди детската психа, во координација со МОН донесовме серија на краткорочни и средорочни мерки. Со МОН разработивме упатство кое ќе ја јакне безбедноста на самите училишта, ставајќи акцент на обезбедување на објектите од реални закани и поголемо внимание на училишниот кадар за безбедноста на учениците. Покрај МВР, со овие мерки и раководителите на училиштата имаат поголема одговорност во раководењето со објектите, на начин на кој ќе ги заштити децата од понатамошни трауми и ќе обезбеди нормална настава. Во наредниот период се очекува овие мерки да бидат детално образложени пред раководителите на училиштата, наставниот кадар и родителите.

ДВ: Кој сѐ учествуваше во подготовката на мерките?

Оливер Спасовски: Тие се разработувани од експерти за безбедност, по направени компаративни анализи, вклучувајќи го и системот за менаџирање со ризици, како и меѓународни искуства на земји кои поминуваат низ исти или слични хибридни закани. За ова, но и заради подолгорчен пристап, формираме и Оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани, каде покрај МВР, односно Бирото за јавна безбедност, се и Агенцијата за електронски комуникации, АНА, АР како и Служба – Сектор за воена безбедност и разузнавање, каде секој има свои задачи, при што е предвидено по потреба да бидат вклучени и други институции и експерти. Овој тим ја користи и поддршката од меѓународните партнери во долгорочното градење на отпорност.

Полиција кај железничката станица во Скопје по закана со бомба
Полиција кај железничката станица во Скопје по закана со бомба (9.12.2022)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Тука би сакал да упатам две битни пораки, од кои првата до политичките партии – апсолутно да се воздржат од политизирање на справувањето со хибридните закани, со што сериозно се отежнува работата на безбедносните служби и се предизвикува дополнителен немир кај граѓаните. Впрочем, безбедноста на граѓаните е натпартиско прашање за кое не смее да има обид за подривање на системот преку предизвикување сомнеж во компетентноста на службите и во предложениот сет мерки, на сметка на партиски поени преку „весели математики“ во дневнополитички цели. Така само се прави непроценлива штета врз системското справување со заканите, што носи и други безбедносни ризици. Втората порака е до граѓаните. Безбедносните служби работат постојано на нивната сигурност. Сите досегашни дојави се лажни, а службите постапуваат според протоколи во сите ситуации. Впрочем, сите ние како граѓани имаме лична одговорност за сопствената реакција, бидејќи ако дозволиме да надвладее паниката, тоа значи сме им дозволиле на определени структури да победат. Сите знаеме дека целта на хибридните закание да ја поткопаат довербата во институциите и да ги доведе граѓаните во постојно чувство на страв и несигурност. Ќе потсетам на сајбер нападите на страниците на Тајм.мк и ДИК на изборниот ден и нападот врз веб-страницата на Фондот за иновации две недели пред парламентарните избори во 2022 година, чија цел беше да ги вознемират граѓаните, да создадат паника и да нанесат штета. И не само тука. Ваквите хибридни закани се случуваат скоро во сите земји на светот.

ДВ: Од кого досега сте побарале помош за утврдувување од каде доаѓаат заканите со бомби?

Оливер Спасовски: Институциите претставувани од експерти во Оперативниот тим за сајбер безбедност и хибридни закани ја користат поддршката од меѓународните партнери во долгорочното градење на отпорност. Од страна на МВР, пак, од првите лажни пријави, се споделуваат информации и регионално и глобално, преку сите меѓународни партнери – од членките на НАТО, од земјите членки на ЕУ, ЕВРОПОЛ, ИНТЕРПОЛ и други, имајќи предвид дека не сме ни први ни единствени изложени на вакви хибридни закани. Тие во регионов започнаа по почетокот на војната во Украина, и тоа прво во Србија, па во Црна Гора, Хрватска, БиХ, но факт е дека се појавуваат и кај НАТО членки, но и кај оние кои не се дел од Алијансата. Лажни дојави за бомби има и во САД, Канада, Германија, Нов Зеланд и.т.н.

Оливер Спасовски
Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

ДВ: Што говорат анализите и какви се резултатите?

Оливер Спасовски: Анализите во сите земји кои се жртви на хибридни закани укажуваат дека станува збор за организиран чин, кој е комбинација од домашни и странски актери во меѓусебна координација, или создаден од домашни актери кои користат странски канали и алатки како помош, чија цел е да се создаде паника, хаос, недоверба во системот и нефункционалност на секојдневниот живот. Ова се потврдува и преку фактот што интензитетот и методите на заканите се менуваат при имплементирањето на мерки за справување кои не се јавно објавени. Иако тековни истраги од безбедносните служби кои се класифицирани не се коментираат, она што може да се потврди е дека станува збор за различни мотиви од страна на „испраќачите“. Поточно, анализата на регионалните збиднувања говори за геостратешки и политички мотиви, преку организиран модел, иако постојат и т.н. „имитатори“ чии мотиви не се политички, туку тоа го прават поради лични интереси, наивност, љубопитност, желба за авантура, па влетуваат во овој систем. Сите вакви активности од наша страна се откриени и против лицата се поднесени соодветни кривични пријави, и тоа на 5-ти, 23-ти и 28-ми декември 2022, против двајца малолетници – од Скопје и Кавадарци, но и 63-годишник од Тетово, по кои постапува ОЈО ГОКК.

Службите во МВР водат истражни дејства за уште цела дузина случаи, за кои штом ќе бидеме во можност, ќе ја информираме јавноста. Но она што „паѓа в очи“, а е заедничко и за нашата држава, и за земјите во регионот, е дека приведените во најголем дел се малолетници. Затоа би им порачал на младите потполно да се воздржат од вакви чекори, бидејќи ова не е игра, ова е сериозно кривично дело – тероризам. Не вреди да си го отфрлат целиот младешки живот и да заработат етикета „терористи“, бидејќи добро поставениот систем покажа, дека иако пронаоѓањето на „испраќачите“ кои користат напредни, па дури и двојни VPN решенија што ги менуваат оргиналните IP адреси е тешко и комплексно, тоа не е невозможно, што е видливо од веќе приведените лица, но и од истрагите на кои работиме.

ДВ: Колку го чини МВР постапување по дојавите за поставени експлозивни направи во училишта и други јавни објекти?

Оливер Спасовски: Сосема легитимно ви е прашањето, особено ако ја земеме предвид оценката што ја делиме со нашите партнери од регионот и од ЕУ, дека една од целите на овие закани за поставени експлозивни направи е и насочување на техничкиот и кадровскиот капацитет на полициите кон проверка на заканите, со што предизвикуваат финансиски импликации за сите. Еве, да го земеме за пример подрачјето на СВР Скопје, кое се соочи со најголем број дојави. Во периодот од октомври 2022 заклучно со 2.03.2023 година, проверки се направени на вкупно 862 локации, од кои во 2022 евидентирани се 306, а во првите два месеца во 2023 дури 556 настани. Притоа, само во февруари, дневниот просек е проверка на 30 локации. За направените проверки вкупно биле ангажирани над две и пол илјади полициски службеници и инспектори од СВР Скопје, Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам и Единицата за службени кучиња, плус гориво, за што од буџетот на МВР е реализирана исплата на над пет милиони денари. Што се однесува до другите сектори за внатрешни работи, тие во овој петмесечен период постапуваа по дојави на 60-тина локации, што дополнително предизвика финансиски импликации од околу половина милион денари.

Сите досегашни дојави се лажни, а службите постапуваат според протоколи во сите ситуации, вели министерот Спасовски
Сите досегашни дојави се лажни, а службите постапуваат според протоколи во сите ситуации, вели министерот СпасовскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

ДВ: Домашна тема од врвен приоритет е битката против криминалот и корупцијата. Каков е учинокот на МВР по ова прашање низ конкретни бројки, и дали сте задоволни од резултатите, со оглед на перцепцијата во јавноста за постоење селективност, која не ги засега функционерите од власта?

Оливер Спасовски: Во делот на криминалитетот, статистиката говори за стабилизација и намалувачки трендови, па 2022 година ја завршивме со 6% намалување на вкупниот криминалитет, а зголемена ефикасност на полицијата, при што откриените кривични дела од организиран криминал бележат зголемување од 40%. Дури 70% бележиме зголемување на откриените дела поврзани со криумчарење мигранти, а зголемување за 28% имаме и во спречените обиди за илегално преминување на државната граница. Откривањето на организирани криминални групи преку комплексни полициски операции, резултираше со значаен број на сузбиени криминални групи – 15 во кои членувале 79 лица, од кои најголемиот број делувале во областа на недозволената трговија со дрога, но и криминални дејства поврзани со културното наследство, тешки кражби и криумчарење мигранти.

Што се однесува до борбата со корупцијата, одговорно тврдам дека и Владата и МВР ја имаат издигнато на највисоко политичко ниво, токму водени од премисата дека таа почнува од сопствените редови и бара сите заеднички да се избориме со овој феномен. Така, 2021 ја завршивме со над 50 отсто зголемување на откривачката функција на полицијата на кривични дела поврзани со корупцијата и спречени коруптивни дејствија во вредност од околу 149 милиони денари. Во 2022 откриени се 124 коруптивни кривични дела, за кои кривично се пријавени 164 сторители. Меѓу нив 158 се физички, а 6 правни лица и со нив била причинета материјална штета поголема од 227 милиони денари. Притоа, злоупотребите на службената положба кај кои се присутни коруптивни елементи имаат најголема застапеност, а најголем дел од сторителите се вработени во државни институции и јавни установи и претпријатија, што токму е контрапункт на она што вие го нарекувате „перцепција за селективност“ кај јавноста. Јавноста е сведок дека за лица на највисоки функции веќе се процесуирани во правниот систем на државата, односно дека сега никој не е заштитен од органите на прогонот, па ни високи функционери од актуелната власт. Ова говори за значително придвижување од времињата кога баџанаци и братучеди беа центарот на државата, на институциите и на партијата, имуни на законите и заштитени од институциите на прогонот, состојба што од Европа беше наречена заробена држава. Без разлика што ни едно општество не е имуно на корупција, покажавме дека сакаме да креираме и знаеме да развиваме системска заштита од овие дејствија. Тоа го препознаваат и граѓаните, па сѐ повеќе се одважуваат да пријават корупција, што имплицира дека расте довербата во полицијата, а расте и јавната свест кај граѓаните за отфрлање на корупцијата. Тоа значи дека покрај системската реформа, секој од нас почнува да ја прави реформата на умот кој не толерира корупција. Со цел јакнење на интегритетот на полициските службеници, во МВР комплетно ги завршивме и потребните реформи со зајакнување на институционалниот механизам – Внатрешна контрола, но и воспоставување механизми за надворешна контрола. Обезбедивме и дополнителни технички ресурси – мобилни камери за сите припадници на полицијата, во делот на сообраќајот и во делот на граничните премини – како механизам на намалување на можни коруптивни влијанија.

ДВ: Билтенот на МВР е полн со информации за успешни акции за откривање и спречување на трговија со дрога. Има ли „бастиони“ кои за полицијата остануваат недостапни, какви што со години се сметаа, на пример, Грчец и Арачиново?

Оливер Спасовски: Пред неколку дена го спроведовме и второто уништување во рок од шест месеци на наркотични дроги и оружје во Макстил, што е резултат на континуираните полициски акции за сузбивање на шверцот со дрога. Сега беа уништени околу 1.400 килограми различни видови наркотични дроги и околу 270 парчиња разновидно оружје, одземени во 2022 година по основ на правосилни судски одлуки и судски решениja за нивно ништење, а пред половина година околу 12 тони различни видови дрога и психотропни супстанци, што претставуваше најголемото уништување на запленета дрога досега. Минатата 2022 година ја завршивме со запленети рекордни над 2.4 тони дрога и 20 тони прекурсори, при што беа сузбиени 12 организирани криминални групи составени од 51 член, од кои 7 се занимавале со недозволена трговија со марихуана, по 2 за недозволена трговија со кокаин и прекурсори и стимуланси, а една група за недозволена трговија со хероин. Откриени се над 700 кривични дела, за кои се пријавени над 800 сторители, а меѓу нив и 7 случаи на злоупотреба на контролирано производство на марихуана во правни субјекти со лиценца за одгледување на канабис за медицински цели, на подрачјето на Струмица, Охрид, Битола, Кочани, Куманово и Струга и преземени се мерки на кривичен прогон.

Спречени се вкупно осум меѓународни транспорти, од кои шест на марихуана и по еден на кокаин и хероин. Или, вкупно се откриени над 660 кривични дела и 770 сторители на кривични дела. Бројките ги потврдуваат сериозните успеси во борбата со недозволената трговија со дрога, која ова раководство на МВР уште во почетокот ја постави како еден од своите приоритети и во која нема место за никакви компромиси, а тоа говори дека бастиони веќе нема. Бастионите останаа заштитен знак на едно друго време, време на пазарења со криминалците во политички цели. Овие изминати години континуирано покажуваме дека кога државата сака – државата може, па дури и во местата каде криминалните групации се пожилави или подобро организирани. Редовните контроли по урбани или рурални места го покажаа тоа. МВР работи врз основа на анализи и постапува според планови во кои нема „заштитени зони“. Актуелниот оперативен план „Безбеден град“ по кој секојдневно полицијата презема мерки и активности, но и оперативните планови на останатите сектори за внатрешни работим се доказ дека исклучоци не постојат, а дневните полициски билтени се слика на резултатите од тие активности.

полиција Северна Македонија
Во МВР, според Спасовски, комплетно се завршени потребните реформи со зајакнување на институционалниот механизам – Внатрешна контрола, но и воспоставување механизми за надворешна контролаФотографија: DW/Petr Stojanovski

ДВ: Безбедноста во сообраќајот е една од болните теми во општеството. Со контроли и превентивни мерки, во колкав процент успеавте да го намалите бројот на сообраќајни незгоди со потешки последици?

Оливер Спасовски: Статистичките показатели покажуваат дека безбедноста на сообраќајот е на задоволително ниво, намален е бројот на сообраќајни незгоди, особено на незгоди со телесни повреди.Тука би споменал уште еден многу важен елемент за подобрување на безбедносната состојба во сообраќајот. Имено, од 2017 година, па наваму ова раководство на МВР континуирано инвестира во материјално-техничкото опремување на сите единици, вклучително и на единиците на сообраќајната полиција. Така, во 2017 година беа затекнати само 8 етилометри за санкционирање на возачите што управуваат возила под дејство на алкохол, а денеска имаме 144 етилометри, познати и како дрегери. Денес МВР располага и со 127 радари, а набавивме и посебни 55 модерни, високо софистицирани радарски уреди за ноќно снимање на движење на возилата. Преземените превентивни и контролни мерки придонесоа 2022 да ја завршиме со намален тренд на сообраќајни незгоди, особено на незгоди со телесни повреди за 4,2%, а намален е и бројот на несреќи со потешки последици за 3,6%. Според видот на последицата, бројот на повредените лица е во намалување за 3,4%. Ако ја анализираме оваа година, земајќи го за пример подрачјето на СВР Скопје како сообраќајно најфреквентно, годината ја започнавме со 20% намален број несреќи со потешки последици за разлика од јануари минатата година. Во првите два месеца од 2023 година бележиме и двојно намалување на сообраќајни несреќи со жртви (3) споредбено со истиот период лани (6).

ДВ: Владата не го зголеми мнозинството, но успеа да го стабилизира. Дали е тоа единствената додадена вредност и што очекувате таа донесе до крајот на мандатот?

Оливер Спасовски: Европската перспективата на оваа држава е додадената вредност на сето ова што го правиме како коалиција. Пред нас се економски и правосудни закони, реализација на системските реформи, пред нас е антикорупциската политика – да не се дозволи блокада на опозицијата. Веќе не сме земја во меѓународна изолација. Денес имаме поддршка во заздравување на општеството од две страни – стратешкиот дијалог со САД и почетокот на преговорите со ЕУ. Оние што сакаат да блокираат, во основа бегаат како ѓавол од крст од темата за антикорупција, од која, за среќа, сега веќе нема бегање. Имаме пријатели и партнери кои нѐ поддржуваат и нѐ поттикнуваат во процесот што го започнавме. Најважно е сите владини партнери да работат во интерес на ефикасно функционирање на Собранието, кое не е одговорност само на пратениците од владејачкото мнозинство, туку на сите пратеници, за што и добиваат плата од граѓаните и се подеднакво одговорни да одговорат за интересите на граѓаните особено во период на економска и енергетска криза, а не нивните дневнополитички активности да ги ставаат над интересите на граѓаните. Усогласен став за надворешната политика и ЕУ е основната цел на т.н. „Европски сојуз“, кој останува отворен за сите партии и поединци кои сакаат да учествуваат во носење одлуки во Собранието, кои значат побрзо зачленување во ЕУ и побрзо носење на реформските закони за сите значајни области. Откако се финализираше процесот на реконструкција на Владата, следува јавна широка дебата за уставните амандмани, во која покрај пратениците, ќе биде вклучена и стручната фела и јавноста, за да го добиеме најдоброто и државата на тој пат да зајакне, да креира сосема нова перспектива во долгорочните односи меѓу македонската и бугарската заедница, имајќи предвид дека во Уставот ќе биде јасно дефиниран мнозинскиот македонски народ и бугарската малцинска заедница. На тој пат не смееме да паднеме во стапицата на нивните конзервативни идеи, напати збогатени со радикални елементи, како дел од нивниот предизборен маркетинг, бидејќи ние имаме наша цел – патот кон ЕУ, како единствена добра перспектива за цел регион. Секое одложување или блокирање на тој процес е на штета на граѓаните, а секоја изгубена година ќе донесе нови прашања, дилеми и проблеми. Да потсетам, слична беше ситуацијата и околу потпишувањето на Преспанскиот договор, но еве сега, додека во Украина се води војна, ги гледаме придобивките што сме членка на НАТО токму како резултат на големиот чекор што тогаш го направивме. Затоа и сметам дека сега, кога навистина можеме да се пофалиме со одличен углед кај 26-те земји-членки на ЕУ, благодарение на нашите политики и достигнувања, е потребен широк консензус во однос на прашањата кои се од национален интерес, во интерес на сите граѓани во целина.

 

Back to top button
Close