Закани за Гавазова и Грујовски по вчерашниот настап на настан од СДСМ
Откако вчера по повод Денот на независноста на Македонија настапија на настан во Пеленица, организиран од Општинската организација на СДСМ – Кисела Вода, фолк музичарите Благоја Грујовски и Сузана Гавазова се најдоа на мета на вербални напади и закани од наши иселеници во Австралија, пишува Фокус.
Музичарите кои се чести гости кај нашата дијаспора, на социјалните мрежи добија пораки да не помислуваат повеќе да стапнат во Австралија.
На страницата на невладиното здружение Македонска Коалиција им ги упатија зборовите – Ќе видите кога ќе ви дојде времето пак да печалите во дијаспората! Нема да стапнете повеќе тука, држете го СДС и другите кркачи!
Актуелни се и пораките и коментарите кои ги објавија голем број на наши иселеници, кои потсетуваат дека и Елена Велевска не поминала добро на нејзината турнеја во Австралија во 2017 година.
Имено, тогаш иселениците повикаа на бојкот на нејзините концерти, бидејќи во бугарска ТВ емисија кажала дека песните ,,Кажи, кажи облаче ле бело” и ,,Јовано, Јованке” биле бугарски. Велевска тогаш појаснуваше дека изјавата и е извадена од контекст и се работело за недоразбирање, но и до денес во Австралија се спомнува тој настан.