Заклучоците на Европскиот совет за Северна Македонија се кристално јасни, вели Ковачевски

На прашањето за коментар за почетокот на преговорите на Украина со ЕУ, Ковачевски рече дека Северна Македонија ја поздравува одлуката затоа што, како што рече, сметаме дека сите демократски држави треба да бидат дел од ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека заклучоците на Европскиот совет за Северна Македонија се кристално јасни. Според премиерот, јасно е дека Северна Македонија успешно го заврши скрининг-процесот, што е нотирано од Европската комисија и откако ќе ги спроведе амандманите во Уставот веднаш без одлагање ќе биде свикана втората меѓувладина конференција за отворање на поглавјата од преговорите.

„Таков јасен заклучок за нашата држава никогаш досега немало во ЕУ, заклучок кристално јасен“рече денеска Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за пораките од Брисел и предлог-заклучоците на Европскиот совет.

Според него, овие два дена на Северна Македонија во Брисел и се повтори 2008 година од Букурешт, односно дека уште еднаш иста политичка партија го блокирала патот на Северна Македонија во евроинтеграциските процеси.

„Тие се веќе четири години во блокирачки пристап, тоа е нивна изјава дека имаат активна блокада на се. Јас би рекол тоа е времена блокада затоа што нашата земја ќе стане членка на ЕУ исто како што стана членка на НАТО. Сето она што ќе се слуша овие денови е само дефокус од тоа дека блокадата во евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија има име и презиме. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Се друго е само дефокус, замена на тези и бегање од реалноста“,додаде Ковачевски.

Овој процес, вели Ковачевски, нема да заврши, и додаде дека процесот на носење на амандманите во Собранието е започнат и е убеден дека Северна Македонија има политичка сила и има луѓе со визија кои таа одлука ќе ја донесат и по отворањето на поглавјата до 2030 година земјава ќе стане членка на ЕУ.

На прашањето за коментар за почетокот на преговорите на Украина со ЕУ, Ковачевски рече дека Северна Македонија ја поздравува одлуката затоа што, како што рече, сметаме дека сите демократски држави треба да бидат дел од ЕУ.

Тој додаде дека одлуката не е донесена без консензус бидејќи напуштањето на Унгарија на самата седница не значи гласање против.

„На следното гласање има една земја членка на ЕУ која гласа против и таа одлука не поминува (овде премиерот најверојатно мисли на блокадата на Унгарија на одлуката за финансиска помош на Украина) . Со ова јасно е дека во ЕУ постои согласност за отпочнување на преговори со Украина и Молдавија. Постои уште една теза, а тоа е дека Украина имала билатерален спор што не е точно. Украина не е во билатерален спор со Русија, Русија ја има неоправдано нападното Украина и Русија не е земја членка на ЕУ. И секоја паралела помеѓу тој случај и другите земји членки на ЕУ и земји кандидати за членство во ЕУ е трагична и несоодветна“рече Ковачевски.

Во однос на другите прашања и тези кои, како што рече деновиве се шират на некои социјални медиуми, Ковачевски додаде дека промени во Преговарачката рамка за нашата земја не се можни.

„Во однос на другите прашања кои беа поставени е дека промени во Преговарачката рамка не се можни. Некои сакаат да извлечат паралела со Србија. Србија има прифатено Поглавје 35 кое се вика Косово и во тоа поглавје влегуваат сите прашања поврзани со Косово. За среќа, ние не дозволивме да има посебно поглавје за прашања со соседите во нашата Преговарачка рамка“одговори Ковачевски.

 

Back to top button
Close