Закопана историја е живо лицемерие
Историјата, како мајка на сите науки, мора да живее во нашето секојдневие за да го чува минатото преку сегашноста, без коишто нема иднина. Најсилната порака на историјата е да нѐ учи како да не ги повторуваме грешките од минатото. Кому му пречи македонскиот историски темелник?

Живееме во рапиден технолошко-цивилизациски развој. Брзата динамика на животот ни станува секојдневие.
Историјата е базичната наука која допира до најдлабоките корени на човековото битисување на Земјината топка.
Државата, како организиран систем, се појавува уште од античко време. Древниот човек се издвојувал од останатиот жив свет по својот развиен ум. Желбата да го владее светот, а првенствено луѓето, е исконска.
Многубројните нации се појавуваат во почетокот на 19 век, историско време на брз научен прогрес, но и развој на национални идентитети и разликување национална посебност на граѓаните кои живеат во една држава.
Најстамени атрибути на поимот „нација” се почитувањето на јазикот и културата, етносот и фолклорот. Без нација нема идентитет, а без идентитет нема авторитет. Нација без авторитети е предвреме закопана нација.
Нацијата, покрај нејзината препознатливост по јазикот и култура, се гради благодарение на исклучително заслужни граѓани кои работеле врз нејзиното формирање во сите области на животот, почнувајќи од уметноста, литературата, културата, музиката , фолклорот, науката, но и борбата за слобода и сите суштински нешта за битисувањето во една држава.
Денешната наша држава Македонија, формирана е во 1945 година. Повеќе од 2300 години, некогашната стара држава Македонија возобновена е на дел од некогашните нејзини територии.
Важиме за најмлада држава и нација на Балканот, па и цела Европа. Се поставува прашањето, кои се тие лица заслужни за возобновување на нашата држава во 1945 година, кои овозможија после 2300 години да ја возобновиме нашата стара држава.
Зошто се срамиме да ги споменеме и да им дадеме неприкосновен национален авторитет во нашата национална историја на личностите кои се залагале и дале сѐ од себе да ги создадат нашата држава, нашиот литературен јазик, нашата препознатлива култура и посебност во споредба со останатите наши соседи. Изнедривме нешто препознатливо македонско во регионот и целата светска заедница, преку јазикот, музиката, културата и обичаите кои денес се дел од нашите животи.
Реално, на оваа тема мора да се зборува за комунистичкиот систем во кој работеле наши видни личности за креирање на нашата национална посебност.
Зошто тие личности ги нема во денешниот предмет по историја? Како на младата популација да им се даде поголем мотив да научат и да знаат за заслужните поединци кои дале силен печат на нашата национална посебност, ако ги исфрлиме од учебниците и наставните содржини?
На почетокот од оваа година се одбележаа 14 години од смртта на нашиот прв претседател Киро Глигоров. За мене и многумина како мене тој е претседателот кого го именувам како македонски Рузвелт. Во светот посебно во САД, првиот претседател Рузвелт и денес е светост и светиња за нивната национална посебност.
Зошто се срамиме од личностите кои ја создадоа нашата модерна македонска држава, кои го оформија нашиот литературен јазик, кои го воздигнаа образованието на највисоко ниво од основно, средно и високо образование, личности кои ги формираа првите универзитети во Македонија, личности кои ја формираа македонската академија на науките и уметностите? Зошто такво лицемерно закопување на историјата? Личностите кои ја формира македонската култура, го дале печатот на македонската опера и балет, филхармонија, театар, личностите кои македонската МПЦ, макар и на комунистички начин успеаја да ја одвојат од српската православна црква, личностите кои во раните 50-ти години на минатиот век успеаја да ги вметнат Македонците како посебен национален идентитет во соседна Бугарија и личностите кои успеаја да ги донесат моштите на нашиот Гоце Делчев, денес се сместени во црквата Св.Спас во Скопје, не се споменуваат. Два пати се закопани, еднаш физички, втор пат лицемерно политички. Нели е парадокс да се слави државност без нејзините основачи?
Мислам дека базичниот проблем, што денешниот плурализам на нашата држава не дозволува овие личности да се стекнат со неприкосновен авторитет, лежи во фактот што биле членови на некогашната комунистичка партија на Македонија и СФРЈ.
Прашувам отворено, дали овие личности биле патриоти или како што денешнава реалност ги сатанизира како предавници? Што од денешнава македонска историја знаеме за личностите како Крсте Црвенковски, Лазар Мојсов, Лазар Колишевски, Благој Попов и уште многумина нивни соработници, кои по мое лично видување направиле најсилен исчекор за нашата македонска национална посебност? Ништо освен дека биле членови на КПЈ или ,,комуњари”. Сѐ уште се фрла анатема врз нив.
Вистинскиот национализам се гради со дела, а не со идеологија. Ќе споменам само еден пример. Еден од најсилните комунисти во Словенија беше господинот Кучан, кој денес е најсилно почитувана личност во Словенија, без разлика дали се работи за нечиј партиски интерес. Тој во денешна Словенија се доживува како човек кој ѝ подари самостојноста на денешна Словенија со многу малку жртви и последици. Нашиот македонски Рузвелт, Киро Глигоров, го ставаме на ништожен пиедестал и постхумно.
Нација, посебно силна нација не се гради на селективен начин, туку напротив нација се гради со силни авторитети во сите области на нашето живеење. Ние сѐ уште живееме само со нашите идоли како Гоце Делчев и Питу Гули, закопувајќи ги во минатото токму оние кои ни ја создадоа денешницата. До кога молк над темелите на нашата државност?
Трифун Костовски






