Заменик-министерот Велковски го најде виновникот за законот што го врати Силјановска: Го работеле службеници – незнајковци

Има точно определно име и презиме на службеници во Министерството за социјална политика, демографија и млади што ги направиле измените на членовите во Законот за заштита на децата. И министерот за брзо време ќе треба да даде објаснување кој го направил тоа, но и да покрене постапка зошто неуставно биле направени овие измени во делот на употребата на Законот за јазици.

Ова вчера го изјави заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во Дневникот на ТВ Сител, одговарајќи на прашањето кој во ресорното министерство е одговорен што таков закон прво е испратен до Владата, па до Собранието, каде мнозинството го изгласа по брза постапка, по што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова реши да не го потпише указот, оценувајќи дека се коси со Уставот.

„Законот за заштита на децата беше многу важен за одреден процес за добивање на лиценци за воспитувачи и останат стручен кадар. За жал, се случи да се стави вето на самиот закон, поради неуставните членови на измените кои биле направени“,рече тој.

На прашањето дали смета дека тие измени биле намерно направени, Велковски рече дека не верува оти службеник во самото министерство намерно направил такво нешто, туку дека се работи за недоволно познавање на некои уставни одредби и на употребата на законот за јазиците.

„Со тоа е направена лоша формулација на некои од членовите што биле доставени како измени на Законот за заштита на децата“,рече Велковски.

Според него, првичната и главна намера на измената на самиот закон била токму за лиценците за процес што бил застанат од 2023 година.

„Не им се овозможило на одредни наши сограѓани, а тоа се повеќе од 2 100 од 2021 година да можат да се стекнат со лиценца, односно да полагаат за добивање на лиценци за негуватели, воспитувачи и друг стручен кадар. Со измените на овој закон сакавме да овозможиме на овие наши сограѓани да се стекнат со лиценци и да бидат активни на пазарот на трудот“,кажа заменик-министерот.

На прашањето како Законот поминал низ толку институции, прво во Владата, па се изгласал во Собранието по брза постапка, а никој не реагирал, сѐ додека не дошол до шефот на државата, заменик-министерот одговори дека тоа покажува оти целиот систем во државата е оштетен, првенствено од професионален кадар.

„Првенствено оштетен од кадар, професионален кој знае точно и прецизно да ги дефинира законите, односно да ги најде грешките што можат да се случат и да има корекции во сите тие филтри. Целиот систем што бил разурнат низ годините, се покажа на дело може да се случи токму во ваква употреба на закон“рече Велковски.

За тоа какви измени ќе претрпат членовите 9 и 10 од Законот за заштита на децата и кој ќе ги подготви, Велковски вели дека законот со указ е вратен во Собранието и оти целата процедура ќе се одвива таму.

„Пратениците имаат задолжение врз основа на забелешките на претседателката на државата да ги направат измените да бидат уставни. Во координација со Собранието ќе се изготват тие измени да бидат уставни и Законот за заштита на децата да биде применлив“,вели тој.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 31 декември испратила известување до собранискиот спикер Африм Гаши оти нема да го потпише указот за прогласување на измените на Законот за заштита на децата бидејќи, според неа, содржат спорни одредби.

Во образложението Сиљановска-Давкова наведува дека спровела темелна анализа и експертски консултации, по што бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од предлог-законот.

Во документот претседателката вели дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот Закон за употреба на јазиците.

Законот е донесен на 24 декември, а информацијата дека Сиљановска-Давкова не го потпишала указот ја обелодени СДСМ. Од опозициската партија ја поздравија нејзината одлука и побараа власта да се откаже од носење на измените на Законот за заштита на децата.

Документ од Владата дека на 19 ноември 2024 година се усвоени измените на Законот за заштита на децата

Претходно, Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата беше усвоен на владина седница одржана на 19 ноември 2024 година.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека членовите 9 и 10 од Законот за заштита на децата, кои беа оспорени од претседателката на државата, ќе бидат коригирани и вратени во собраниска процедура. Рече дека вака како што се формулирани, овие два члена од законското решение се спротивни на Уставот и Законот за употреба на јазиците.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, коментирајќи го ветото што го стави на Законот за заштита на децата, рече дека ниту имала намера, ниту некогаш ќе употреби вето за да навреди некого, некој јазик или дел од нација, ниту, пак, се водела од партиски совети.

Вели дека ставањето вето не го направила триумфалистички и оти пред да го достави документот до Собранието, во кој ги оспорува членовите 9 и 10 од Законот, за своето мислење ги информирала Владата и надлежните министри.

Back to top button
Close